Вести Македонија

По трагедијата во Тафталиџе: Се крои национална стратегија за борба против семејното насилство

Невладините и претставници на институциите започнаа да ги исцртуваат контурите на националната стратегија за заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство.

Стратешкиот документ е на увид на јавноста, откако една од најчувствителните општествени теми стана најактуелна по семејната драма со фатален крај во скопско Тафталиџе, кога животот го загубија Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја. По овој случај, МВР започна поактивно да известува за пријави и постапувања за семејно насилство.

А, во законодавниот дом, власта и опозицијата уверуваат дека сега постои силна политичка волја за зајакнување на системот за заштита на жртвите.

„Оваа стратегија произлегува од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, со која се овозможуваат дејствија и мерки коишто треба да ги преземе државата, за превенција и заштита, но и за реинтеграција на жртвите преку обезбедување на систем за поддршка, вклучително и за економското јакнење“, кажа Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. 

„За да може да имаме успешна реализација и имплементација на оваа стратегија, неопходни се акциските планови коишто верувам дека наскоро ќе бидат готови заедно со стратегијата. Она што е потребно и недостасува е зајакнување на човечките капацитети, човечките ресурси низ институциите“, вели Jована Тренчевска, пратеничка од СДСМ. 

Невладините со бројни, но и слични барања и забелешки. Поголем буџет, формален протокол за постапување на надлежните институции, бесплатна психосоцијална помош – ова се само дел од барањата на граѓанските активисти. Дел од нив бараат и поголема едукација особено за жените од руралните средини.

„Минимален гарантиран пакет услуги за жртвите, стратегијата да предвиди достапна бесплатна правна и психосоцијална помош, итно сместување и програми за долгорочно закрепнување и економско зајакнување“, кажа Савка Тодоровска од Националниот совет за родова рамноправност. 

„Она што треба ние како земја да го направиме е инвестиција во специјализирани услуги и не само во Скопје туку ширум државата, присутни насекаде“, вели Елизабета Божиновска од „ХЕРА“. 

„Во националната стратегија не видов дека е доволно опфатена судската и правната заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство. Се препорачува унапредување на судските санкции и обезбедување на соодветна психолошка и правна поддршка за жртвите во текот на целата постапка“, додава Билјана Андонова, адвокатка. 

Во меѓувреме, полициските билтени се полнат со пријави за случаи поврзани со семејно насилство. МВР соопшти дека во последното деноноќие се лишени од слобода четири лица, по вкупно седум пријавени случаи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе