Компанијата на цроногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, кој е на црната листа на САД, само поднела барање за изградба на енергетски објекти во земјава, без каква и да е реализација. Ова денеска го изјави премиерот, Христијан Мицкоски, откако опозициската СДСМ пред неколку дена обвини дека министерството за енергетика од јануари годинава ја ставило фирмата на Дака, „Хронос сум“, во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година, за веднаш потоа од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, во име на владата да најават дека таа ќе ги преземе сите законски можности за фирмата на Дака да не гради и инвестира во енергетски објекти, иако фирмата ги имала исполнето сите услови и законски критериуми за тоа.
Мицкоски на прашањето кога владата ќе го повлече договорот со Дака, беше повоздражан од неговата партија околу законските критериуми кои ги исполнува компанијата „Хронос сум“ за изградба, велејќи дека за такви инвеститори нема место во Македонија.
„Јас можам само да кажам дека тоа е список на кој што имаме компании кои што поднеле барање, далеку од било што да се реализира“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека е добро што опозицијата ги потестила дека тоа лице е на списокот, а кое во минатото било во многу блиски бизнис односи со владата на СДСМ и ДУИ.
Истовремено од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно потсетија на бизнисите на Дака со владата на Зоран Заев и Али Ахмети.
„На местото на ШИК ‘Јелак’ во Тетово, Заев и Ахмети му договорија на прорускиот бизнисмен Дака да гради 2.000 станбени единици, деловни простории и трговски центри, чија вредност надминуваше над 200 милиони евра. Фирмата ‘Јелак Градба’ го купува просторот на поранешниот гигант ШИК Јелак, која е во сопственост на прорускиот бизнисмен Дака. СДС и ДУИ, овој имот којшто е државен, го ставиле на продажба за Дака по дури четири пати пониска цена“, изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
За ангажирањето на компанијата на црногорскиот бизнисмен од страна на актуелната влада се огласија и од СДСМ од каде наведуваат дека фирмата на Дака, кој е на црната листа на САД, може да влезе во Годишниот план на Министерството за енергетика, како што велат, само поради бизнис мрежата на Мицкоски и неговите интереси во енергетиката.
„Клучната улога во овој скандал ја има Сања Божиновска, главниот оперативец на Мицкоски во енергетиката, вмешана во повеќе сомнителни бизнис релации со Руднап и Адамовиќ. Таа ја внела фирмата на Дака во Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Станува збор за сериозни индиции за организирана корупција на највисоко ниво“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од СДСМ повторно го повикаа Јавното обвинителство веднаш да постапи и да го истражи случајот.
Тамара Грнчароска
