Вести Економија Топ вести

Македонија зависи од увоз на горива

По еден месец војна на Блискиот Исток, економскиот шок се чини многу поголем и посериозен од кризите со кои што се соочи светот во последните години. Се уништија дел од нафтените производни капацитети, се отежна, а некаде и целосно запре испораката на нафта, чиja цена речиси двојно се зголеми споредено со почетокот на годинава. А, кога расте цената на нафтата, неминовно преку транспортните и трошоците за производство се пресликува на речиси сите останати производи.

„Влијанието на високите цени на енергенсите врз инфлацијата се случува многу брзо, додека ефектите од монетарната политика се гледаат многу подоцна. Па на таа повисока нестабилност што доаѓа од случувањата на Блискиот Исток нам ни е тешко да се спротивставиме. Затоа, нашиот фокус е многу повеќе насочен кон размислувањата како да се делува на секундарните ефектите, односно на тоа како да се делува за да се заузда поскапувањето на енергијата и на храната“, вели Хју Пил, главен економист на Банка на Англија.

И економистите и претставниците на централните банки се согласни дека за да се добие борбата со растот на цените, неопходни се сет мерки кои ќе се носат бргу, ќе бидат привремени и строго таргетирани.

„Ако го погледнеме Западниот Балкан, овој конкретен регион, тука сме во свет каде што фискаланиот простор често може да биде позатегнат. Институциите сè уште се во процес на зајакнување и изложувањето на надворешни шокови останува на високо ниво. А, фискалните политики тука всушност треба да направат нешто повеќе од ова, односно треба да одат чекор над одржување на макроекономска стабилизација и поддршка на макроекономската конвергенција, што е дополнителна мерка на фискалната политика што не треба да се заборави при овие дискусии за реакции во неизвесно време“, вели Ера Дабла-Норис, заменик директор во ММФ.

Народната банка генерално ги следи одлуките на Европската централна банка (ЕЦБ) и ги задржа каматните стапки непроменети и покрај веќе извесниот раст на инфлацијата, но најави претпазливост при кроењето на монетарната политика.

Тоа што загрижува е колкав е финансискиот капацитет на државата за справување со криза од вакви размери. Со оглед на непредвидливоста на состојбата, невозможно е точно да се каже колкави се буџетските можности за интервенција со мерки.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во израелски напад загина снимател на Ал Џезира

Дејан Дејан

Пронајден возачот што удри девојче и избега од местото на несреќата

Дејан Дејан

Клучни преговори во Швајцарија: САД и Иран повторно на маса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе