Пробната верзија на најавениот електронски паричник веќе била тестирана од 4.000 корисници, а Министерството за дигитална трансформација ги анализира добиените забелешки пред официјалното лансирање на т.н. супер апликација „М-услуги“, најавено за средината или крајот на март.
„Пробната верзија беше тестирана од 4.000 корисници и добивме сериозни забелешки. Работиме со Полска и Украина на овој проект. Супер апликацијата „М-услуги“ ја очекувам во средината или крајот на март“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Апликацијата треба да овозможи дигитален паричник и електронски документи, вклучително и дигитална лична карта. Според Андоновски, електронската форма ќе има иста правна сила како и физичкиот документ.
„Законот вели дека личната карта е документ, без разлика дали е пластична или електронска. Тоа е како со кредитните картички во мобилниот телефон – веќе никој не ве враќа од пост-терминал“, посочи министерот.
Тој информира дека Министерството за внатрешни работи веќе подготвува физибилити студија за електронските документи и најави дека, доколку е потребно, ќе се пристапи кон законски измени.
„Дури и да треба да менуваме десетици закони за да се прецизира ова, ние ќе го направиме тоа“, рече Андоновски.
Реформската агенда предвидува рок до август 2027 година за целосна имплементација на овие системи. Министерот уверува дека процесот ќе започне веќе во март.Тој нагласи дека во одредени сегменти Македонија се движи побрзо од некои поголеми европски земји. Тој посочи дека дигитализацијата останува клучен приоритет на ресорот, со значителна финансиска поддршка.
„Веќе ослободивме преку 4 милиони евра за поддршка и околу 20 милиони евра за индикативни проекти. Дигитализацијата е наш мотор за успех. Тоа не го правиме за ЕУ, туку за нас“, истакна тој.
Осврнувајќи се на состојбата со интернет-поврзаноста во училиштата, министерот призна дека државата направила пропусти во минатото, но вели дека сега има напредок.
„Имавме проект ‘Компјутер за секое дете’, но тој не се одржуваше. Сега стигнавме до околу 50% поврзаност во училиштата, што е добар напредок. Тоа се крупни чекори што граѓаните треба да ги почувствуваат“, изјави Андоновски.
Т.Д.
