Вести Македонија

Андоновски најави консултации со АВМУ и инфлуенсерите: Не смееме со ригидни правила да го задушиме секторот

Министерството за дигитална трансформација ќе отвори консултативен процес со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и претставници на инфлуенсерите, со цел да се изнајде одржливо решение за регулирање на нивниот статус, најави министерот Стефан Андоновски.

Тој вели дека клучот е во транспарентноста и пропорционалноста, а не во рестриктивен пристап.

„Не се согласувам дека инфлуенсерите се во ‘црна зона’ или дека не плаќаат данок – секој креатор плаќа данок преку договори за дело, авторски договори или ДДВ ако е регистриран како компанија. АВМУ има право дека секторот мора да биде регистриран, но грешката е во законот каде не се прави разлика помеѓу видео платформа и креатор на содржини“, изјави Андоновски.

Според него, сегашната законска формулација создава недоумици, бидејќи не прави јасна разлика меѓу глобалните платформи и индивидуалните креатори.

„Не можеме да бараме целиот Инстаграм или Јутјуб да се регистрира во Македонија за да може еден креатор да ги исполнува критериумите. Правилникот на АВМУ го следи тој закон и создава недоумици. Не сум против АВМУ, туку за усогласување“, посочи министерот.

Андоновски нагласи дека не е против работата на регулаторот, но смета дека одредени одредби од правилникот не се целосно усогласени со законот.

„Не сум против АВМУ, тие се независно тело, но сметам дека делови од правилникот не се во согласност со законот. Јас сум правник и ќе отворам консултативен процес за да најдеме одржливо решение“, рече тој.

Министерот предупреди дека претерано ригидни правила би можеле да имаат контраефект врз домашниот пазар.

„Ние сме мал пазар – Инстаграм попрво ќе се затвори за Македонија отколку што ќе дојде тука да се регистрира и да плаќа даноци. Не сакам ригидни правила кои ќе го забранат секторот. Ако ги избришат акаунтите кај нас, ќе ни дојдат инфлуенсери од Србија или Бугарија кои воопшто нема да плаќаат данок тука“, изјави Андоновски.

Тој потсети дека претходните измени во медиумското законодавство биле донесени по широка дебата со здруженијата и дека истиот пристап ќе се применува и сега.

„Имавме позитивно искуство со измените на законот за медиуми преку дискусии со здруженијата. Сега започнуваме со работа на Стратегија за развој на медиумите во Македонија преку поголем ИПА проект. Законите треба да поттикнуваат развој, а не да угнетуваат“, нагласи министерот.

Консултациите со АВМУ и претставниците на инфлуенсерите треба да почнат во наредниот период, со цел да се дефинира јасен и применлив модел за регулирање на секторот, без да се загрози неговиот развој.

Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓорческа против ланската финалистка Анисимова во првото коло на Вимблдон

Sasko Dimovski

Протест на вработените во ГТЦ кои примаат минимална плата

Дејан Дејан

Приколка од товарно возило се преврте на автопатот кон Гевгелија

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе