Албанскиот јазик се испречи пред изборните правила. Првата, конститутивна седница на работната група за Изборниот законик пропадна, затоа што претставниците од Европски фронт инсистираа материјалите да им бидат преведени на албански. Претставниците од останатите партии реагираа дека на овој начин се одолговлекува работата и очекуваат да не се дозволи поради формалности да се загрози целиот процес. Министерот за правда се надева дека следната недела ќе биде отстранета јазичната бариера и ќе се почне со ефикасна работа. Уверува дека има простор да бидат прифатени предлозите на партиите.
„Материјалите што ние ги имаме подготвено се на располагање на работната група. Секако, би сакале да ги чуеме и предлозите на останатите партии и за првпат предлозите на независните групи. Доколку тие предлози поминат 30 отсто, ќе одиме на изработка на целосно нов Изборен законик“, изјави Игор Филков, министер за правда.
Од помалите партии предлагаат суштински измени. Движење ЗНАМ бара реформите да почнат од законодавниот дом, со намалување на бројот на пратеници што значително ќе го олесни државниот буџет и ќе се добие поефикасно тело, а понатаму оваа пракса да се префрли и на целиот државен апарат.
„Ние се залагаме за една изборна единица со праг од 2-3 проценти, што ќе овозможи поголема можност за помалите партии, но најавуваме и дека сме за сериозни промени, односно з аПарламент со 90 пратеници. Намалувањето на бројот на пратеници е една од заложбите на оваа влада. Намалувањето на државниот апарат, пак, ќе биде придобивка и од финансиски аспект“, изјави Весна Бендевска од Движење ЗНАМ. Од ЛДП, исто така, се за една изборна единица со отворени листи.
„Се надевам дека конечно ќе се дојде до подемократско решение, односно, граѓаните сами да ги избираат своите претставници. Се надевам и дека оваа работна група ќе работи поефикасно и нема да се дозволи работата да се кочи поради формалности“, изјави Моника Зајкова од ЛДП.
И за Борислав Крмов од Левица ова е непотребно бирократизирање на процесот. Тие се залагаат за една изборна единица и рамноправно финансирање на државното рекламирање на политичките партии во медиумите.
Од најголемите партии не сакаа да зборуваат за конкретни предлози, иако најавија дека активно ќе учествуваат во работата. На лидерската средба беше договорено, изборните правила да се утврдат најдоцна до јуни.
Далиборка Демјанска Цветановска
