Иницијативата #NetWithoutHate – Нет без хејт, која е започната пред две години, е дел од пошироката и долгогодишна соработка меѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија и е насочена кон справување со најкомплексните предизвици на денешните генерации – оние што ги носи со себе присуството во дигиталниот простор.
Практично, во Македонија нема млад човек на возраст од 15 до 24 години кој не користи секојдневно интернет што со себе повлекува и опасност од сајбер-насилство, онлајн врсничко малтретирање, говор на омраза и штетни содржини.
Статус, коментар, лајк, не-лајк, стикерчиња, или каков било облик на изразен став во сајбер просторот, е дел од секојдневниот живот на младите и може да биде извор на онлајн насилство.
Иако според истражувањата, речиси две третини од средношколците во Скопје потврдиле дека булингот е присутен во нивните училишта, а секој трет ученик изјавил дека бил жртва на некаква форма на врсничко насилство кое најчесто се случува токму онлајн, преку социјалните мрежи, досега официјално не е пријавен ниту еден ваков случај.
Ова е показател дека е потребна едукација, но дека таа не е доволна, туку е потребно охрабрување, како и сигурен простор во кој младите ќе знаат дека не се сами кога ќе одлучат да проговорат.
Токму ова е и идејата на иницијативата #NetWithoutHate – Нет без хејт, младинско движење за интернет без омраза, поттикнато од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а во партнерство со Сојузот на извидници на Македонија.
Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком и претседател на Фондацијата Телеком за Македонија, истакна колку е важно да се поддржат младите за самите да ја предводат позитивната промена: „Кога го започнавме ова партнерство со УНИЦЕФ, знаевме дека онлајн омразата е една од најголемите закани за еднакво дигитално општество и дека мора да се спротивставиме. Свесни сме дека овој негативен феномен особено ги погодува децата и младите, и затоа треба да им дадеме глас, алатки и моќ да создадат побезбеден и похуман онлајн свет. Додека тие ја предводат оваа борба, сите ние имаме одговорност да ги заштитиме.“

Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, ги пофали лидерството и креативноста што ги покажаа младите презентери: „Денес видовме како изгледа вистинско и значајно учество на децата. Претставените идеи се промислени, креативни и произлегуваат од реални искуства. Тие покажуваат дека децата и адолесцентите мора да бидат дел од решението. Горди сме што ги поддржуваме во претворањето на овие идеи во конкретни активности, за секое дете да може да се чувствува безбедно и почитувано во дигиталниот простор. Заштитата на децата онлајн е заедничка одговорност. Ги повикуваме сите партнери – телекомуникациската индустрија, регулаторите, родителите, наставниците и владите да ги исполнат своите обврски и да осигураат дека децата се заштитени и безбедни онлајн.“

- Сајбер-насилството најчесто се случува во пораки, „чатови“, коментари на профили, не само преку конверзација, туку и преку споделување разни фотографии и видеа, кои многу бргу потоа се споделуваат. Понекогаш не сме сигурни дали се работи за навреда, шега или некаков вид социјален притисок. Повеќето не знаат каде да се обратат, а некои и немаат храброст или мислат дека можеби тоа и не е толку голема работа. Затоа излегуваме со иницијативи преку кои ќе им помогнеме на нашите врсници, но и на возрасните, на родителите – да знаат како да се справат со она што ни се случува во дигиталното опкружување, да научат како да допрат до нас, како да комуницираат – истакнаа учениците, кои заеднички дејствуваат преку платформата #Нет без хејт.
Според нив, младите најлесно се отвораат пред врсници, а целта е побезбедна дигитална средина.
- Поголемиот дел од времето го поминуваме на интернет, таму учиме, комуницираме и се дружиме, но таму се случуваат и многу навреди, исмевања, споделувања содржини без дозвола. Најчесто ваквите ситуации не стигнуваат до возрасните зашто младите не знаат кому да му се обратат и можеби се плашат да пријават. Затоа ќе креираме профил „Нет без хејт“, направен од млади за млади и на него ќе објавуваме практични совети за безбедно користење на интернетот – како да се пријави онлајн-насилство и насочување на младите кон професионална помош, кон соодветни институции и служби. Нашата цел е да не се плашиме од интернетот, туку да го направиме посигурно место за сите нас, и за децата и за родителите. Поради тоа што нашите родители не растеле во овој свет, тие генерално не се запознаени со ситуацијата. Таргет-група ќе ни бидат тие – да се запознаат со почетоците на интернет-насилството, сајбер-булингот. Ќе почнеме и онлајн-кампања на социјалните мрежи, ќе организираме и интерактивни средби за родителите, на кои ќе може да прашуваат и да се едуцираат за да не им бранат на децата да користат интернет, да не се плашат, туку како правилно да постапат во одредени ситуации и како да го препознаат сајбер-насилството од почеток – нагласија учениците.
Меѓу иницијативите е и да има деца правобранители во училиштата, кои ќе бидат активни и сигурни застапници на правата на своите врсници, вистинска поддршка за секој што ќе сака или ќе смета дека треба да пријави насилство, вклучувајќи и онлајн-булинг.

Ќе се креираат и видеосодржини, пет епизоди по 20-30 минути, како и поткасти, во кои ќе се зборува за спречување на онлајн-омразата. Отворена ќе биде и платформа – вид безбеден простор, каде што младите ќе може да споделат што им се случува, без страв. Притоа секој ќе може да постави прашање и да опише ситуации, а тим од млади до 18 години, обучени, ќе ги читаат пораките и соодветно ќе одговараат и ќе даваат соодветна поддршка. Ако станува збор за посериозна ситуација, ќе се овозможи поврзување со стручно лице.
- Сите мислиме дека сајбер-насилството е лесна, едноставна тема, но не е така. Дури и упатените во ова имаат уште многу што да научат. Сè почна лани кога првпат научивме што е онлајн-насилство. Гледавме како една мала ситуација може да прерасне во голем проблем. Овој процес ни покажа нешто важно – дека младите најдобро ги разбираат младите. Сакаме да ја подигнеме свеста за онлајн-насилството и тоа ќе го постигнеме преку нашите иницијативи – децидни се од #Нет без хејт.
Иницијативите треба да бидат финализирани до крајот на годинава.
На настанот беа присутни и министерката за образование Весна Јаневска и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

- Вкупно 34 случаи на врсничко насилство се пријавени годинава во Министерството за образование, но не е пријавен ниеден случај за насилство преку интернет, а вие велите дека го има. Јас би ве охрабрила, доколку сметате дека можеме да ви помогнеме, а можеме, кога ќе наидете на такво насилство, да го пријавите зашто ние имаме стручни служби што ќе поработат и со службите во училиштата и со наставниците, а ако има потреба и со насилникот, како и со жртвата, ако се обрати. Бидете мост меѓу интернетот и стручните служби. Поттикнете ги вашите врсници зашто разбирам дека меѓусебно најмногу се разбирате, дека на младите им требаат млади, но не исклучувајте ги возрасните. Некогаш и тие знаат да бидат корисни – порача министерката Јаневска.
Според министерот кој исто така ги слушна иницијативите на учениците активисти, освен со младите, во однос на сајбер-булингот, многу е важно да се работи и со родителите.
- Често ја повторуваме реченицата дека родителите не се научени да се справуваат со сајбер-насилството и сајбер-булингот зашто можеби тоа не постоело во времето кога тие растеле. Сега е некое друго време, кое го носи овој голем предизвик. Затоа е многу важно да се работи со родителите, но заедно и со сите партнери – училиштата, педагозите, стручните соработници и, секако, најмногу со младите – истакна Андоновски.
Како што информира Александра Ивановска од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, официјални пријави за онлајн-насилство генерално нема.
