Позитивните мислења за кандидатите за државен обвинител се во владина процедура. Дали може на првата наредна седница да биде предложен кандидат кој ќе оди пред пратениците, од Владата велат „Кога ќе поминат сите формално-правни постапки, мислењата ќе се разгледуваат на владина седница за што јавноста ќе биде навремено информирана“.
Премиерот во телевизиско интервју веќе изјави дека во игра се тројца кандидати, исклучувајќи ја обвинителката Ленче Ристоска.
Партиите денеска разменија обвинувања за партизирање на правосудството. Од опозициската СДСМ велат „правдата во државата се погребува, судството и обвинителството се ставаат под директна контрола на Мицкоски“.
„Го сменија јавниот обвинител за да инсталираат обвинител под своја контрола. Јавно, на телевизија, Мицкоски ја елиминираше независната кандидатка Ристовска, иако таа доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители. Мицкоски сам одлучува и си бира обвинител по свое. Паралелно, се води кампања за дискредитација на предметите на СЈО, со цел да се избрише одговорноста на нивните функционери“, обвинуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека во времето на владата на СДСМ предводена од Заев, тој одлучувал и кој ќе биде судија и кој ќе биде гонет, а судиите и обвинителите се бирале според послушност.
„Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв. Членови на ВМРО-ДПМНЕ беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства. Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ на прозивките.
Невладините уште во петокот испратија порака дека постапката за избор на државен јавен обвинител треба да се спроведе на начин што ќе покаже јасна дистанца од какви било политички влијанија. Оценија и дека изјавите на премиерот со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Филтерот на Советот за првпат го минаа четворица кандидати – в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Лидија Раичевиќ и Ленче Ристоска и судијата од Кривичниот суд, Ненад Савески.
Елена Ивановска Мукоска
