Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека воведува глобални царини од 15 отсто за период од 150 денови, како продолжение на нападите на одлуката на Врховниот суд за поништување на неговите претходни царински наметнувања. Вчера најави дека укинатите царини од судот ќе ги замени со стапка од 10 отсто за сите производи кои влегуваат во САД за денеска преку „Трут Сошл“ да најави зголемување за дополнителни пет отсто. Новите царини ќе стапат на сила од 24 февруари и за нив се повикува на законот за трговија од 1974 година чиј член 122 дозволува на претседателот да воведе привремена доплата на увоз до 15 отсто, ако утврди дека постои голем дефицит во платниот биланс.
Соединетите Американски Држави не планираат да рефундираат пари на компаниите поради воведените царини на претседателот Доналд Трамп кон низа странски држави во минатата година. За иднината на прибраните средства нагласи дека не било дискутирано и порача дека веројатно ќе следуваат долги судски процеси, иако дел од компаниите веќе се ставија во редот за поврат на парите.
„Им требаат месеци и месеци за да напишат мислење, а дури и не дискутираат за суштината. Земавме стотици милијарди долари. Не милиони, стотици милијарди долари, па затоа реков, па, што се случува со сите пари што ги добивме? – Не беше дискутирано. Не би ли помислиле дека би ставиле една реченица таму во која ќе се каже дека ќе ги задржат парите или не, нели? – Претпоставувам дека ќе мора да се суди во следните две години. Значи, тие ја пишуваат оваа ужасна, неисправна одлука, тотално неисправна. Речиси е како да не е напишана од паметни луѓе“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп го нападна мнозинството на судии во Врховниот суд кои гласаа за укинување на царините. Смета дека биле под влијание на странски интереси при носење на одлуката. Докази за такво нешто не понуди, освен што порача дека јавноста набрзо ќе дознае.
„Па, мислам дека странските интереси ги претставуваат луѓе за кои верувам дека имаат прекумерно влијание. Тие имаат големо влијание врз Врховниот суд, без разлика дали е преку страв, почит или пријателства. Не знам, но познавам некои од луѓето што беа вклучени од другата страна и не ми се допаѓаат. Мислам дека се вистински одвратни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Одлуката на Врховниот суд се смета за тежок удар за Белата куќа на тема што важи за клучна за надворешната и економската полика на американскиот претседател. Јавноста ја толкува и како најсилен пораз за втората администрација во Вашингтон под водство на Трамп кој го доживеала пред Врховниот суд, каде мнозинството го сочинуваат конзервативни судии.
Пресудата за поништување на царините беше донесена со шест гласа „за“ и три „против“, што беше поддржана од францускиот претседател Макрон. Одлуката на Врховниот суд беше образложена дека Трамп ги пречекорил овластувањата при користење на законот од 1977 година за федерална вонредна ситуација за воведување на реципрочни царини ширум светот.
Сашко Димовски
