Триесет и тригодишниот сопруг на Ирена Ралева Најдевска веќе пет години чека трансплантација на срце. Неизвесноста што секојдневно ја живее нејзиното семејство e причина таа активно да се вклучи во кампањите за подигање на свеста за органодарителството.
„Самиот момент на чекање донор нè поттикна да започнеме со вакви трибини, затоа што свеста за органодарителството во државата е на многу ниско ниво, а за нас времето е скапоцено и се плашиме дека можеби нема да го дочекаме повикот за трансплантација“, вели Ирена Ралева Најдевска.
Маја Горјановска од Битола, како дарител на дел од црниот дроб, го спаси животот на својата ќерка.
„Силно апелирам за органодарителство, затоа што нема поубаво нешто од тоа да му дадете нова шанса за живот на некого и тој да продолжи да се радува на животот“, вели Маја Горјановска.
Експертите повикаа на мобилизација и интензивирање на органодарителството.
„Мора да направиме се за да го зголемиме бројот на органодарители, затоа што пациентите се многу. Или барем да се доближиме до земји како Хрватска и Словенија“, вели проф. д-р Сашко Јовев, кардиохирург.
Околу 200 пациенти се наоѓаат на националната листа за трансплантација од починат донор. Нема похуман чин од тоа кога семејство кое, и покрај загубата, одлучува да донира органи за да спаси други животи, велат лекарите.
„Нека биде поттик нивното херојство да донираат органи за сите други кога ќе им пријде доктор и ќе побара согласност, да погледнат во примерите на луѓето кои во тие тешки моменти одлучиле да дадат дел од својот сакан за да продолжат туѓи животи“, вели проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Во Битола лекари, дарители и пациенти разговараа за начини за подигнување на јавната свест за органодарителството, а верските заедници порачаа дека донирањето органи не е спротивно на ниту една вера. Трансплантациите кај нас се вршат од живи донори или од починати лица со констатирана мозочна смрт. Според законот, сите се потенцијални донори, но без писмена изјава од починатиот, потребна е согласност од семејството.
Емилија Мисирлиевски
