Вести Македонија Најважни

Двете фирми од Велешта негираат инволвираност во еколошки инцидент кај изворот Шум кој ја остави Струга без чиста вода за пиење

Не само загадување на водата за пиење во Струга, обвинителсството истражува и незаконита експлоатација на минерални суровини, поради што за две фирми од Велешта бараат забрана за ископите во близина на изворите кај Шум од кои Струга добива вода за пиење. Додека на терен собирале докази, истражните органи ги затекнале машините на двете фирми кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите.

„Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето. Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење“, се наведува во соопштението на ОЈО Струга.

Засега двете фирми негираат инволвираност во еколошкиот инцидент кој ja остави Струга без чиста вода за пиење. Од едната фирма, во телефонски разговор, потврдија за забраната, негираат дека ископувале, туку велат дека само сакале да прават кокошарник и го рамнеле земјиштето. Од другата велат дека не копале, ниту имале концесија, туку дека ја рамнеле парцелата која е во нивна сопственост за да засадат лешници.

Според информации од општината, една од фирмите имала истечено одобрение за кое не добила обновување на дозволата, другата воопшто немала дозвола за копање.

Градоначалникот Менди Ќура претходно побара кривична одговорност и за компаниите кои 10 години наназад копале без критериуми, но и за надлежните институции, затоа што е предизвикана ненадоместлива штета која тешко ќе се санира.

Водата во Струга и натаму е забранета за пиење. Заматеноста е намалена, но сè уште е над дозволеното. Веќе се испратени примероци во Институтот за јавно здравје за пошироки анализи, за да се утврди дали во водата има и други недозволени супстанци.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Барањето на Македонија за гаранции за влез во ЕУ е невозможно, став на Мојсовска во Топ Тема

Дејан Дејан

Протестен марш на ДУИ против укинувањето на одлуката за преименување на десетина улици од 2007-ма година

Igor Trajkov

Пораките од Брисел се јасни: без уставни измени, земјата може многу малку да искористи од новите иницијативи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе