Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, ја разгледува можноста да замине пред истекот на својот мандат во октомври 2027 година, со цел францускиот претседател Емануел Макрон да има влијание во изборот на нејзиниот наследник, објави „Фајненшл тајмс“. Засега Лагард не донела конечна одлука за датумот на евентуалното заминување.
Според наводите, и Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц сакаат клучна улога во процесот на избор на нов претседател на ЕЦБ, а стравувањата од можен успех на крајната десница на француските избори во 2027 година ја засилуваат неизвесноста.
Од ЕЦБ официјално соопштија дека нема донесена одлука и дека Лагард е целосно фокусирана на своите тековни обврски… Реакцијата на пазарите засега е умерена – приносите на обврзниците и курсот на еврото останаа речиси непроменети, што укажува дека инвеститорите не очекуваат предвременото заминување да предизвика значителни промени во монетарната политика на банката.
