Големиот интерес кај публиката да го гледа наградуваниот документарен филм „ Приказната за Силјан“, на режисерката и продуцентка Тамара Котевска, што се прикажуваше овој месец во Кинотеката на Македонија, резултира со две вонредни проекции вечерва, вели директорот Бошко Грујоски. А, за големиот интерес да се види овој документарец, доказ е бројката од над 1000 продадени влезници за 13 одржани проекции, кажа директорот на Конотеката.
- Првата проекција филмот во Кинотека ја имаше на 02. февруари и досега во Кинотека имавме вкупно 13 проекции. Интересот за филмот е многу голем. Досега се продадени преку 1000 влезници. Поради големиот интерес, закажани се уште две вонредни проекции за денеска, од 18 и од 20 часот, рече Бошко Грујоски, директор на Кинотека на Македонија.
Поради интересот за филмот, Грујоски се надева дека тој ќе се прикажува во Кинотеката на Македонија и во март. А, интересот за филмот го поврзува со неговата повеќеслојност.
- Филмот преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна, кажа директорот Грујоски.
Филмот раскажува за земјоделецот Никола, кој не може да ја продаде земјата и плодовите од неа, поради нови владини политики. Семејството го напушта и заминува во странство, а тој останува сам дома и работи како чувар на депонија, каде наоѓа повреден штрк, што го нарекува Силјан. Никола го спасува штркот, по што меѓу нив се создава нераскинлива врска. Начинот на кој беше раскажана приказната, го поттикна светски познатиот дистрибутер National Geographic Documentary Film лани во септември да го откупи филмот за прикажување.
Од светската премиера лани на фестивалот во Венеција , каде ја освои „ Наградата на музита “, за најинспиративен филм вон конкуренција, до денеска, ова остварување доби уште 7 награди и 14 номинации, меѓу кои е и онаа од Здружението на американски продуценти, по премиерата во Њујорк кон крајот на ноември 2025 година. Но, „ Силјан“ кој беше наш кандидат за Оскар, не успеа да влезе во потесниот избор од 15 филмови во трката за номинација, иако беше кандидат во две категории : Најдобар странски филм и најдобар документарец.
Филмот дојде во Кинотеката на Македонија по скопската премиера на 04. јануари, проекциите во Cineplexx и низ 18 градови во Македонија.
Во март во Кинотеката ќе бидат прикажани уште 5 филма, во кои Македонија е копродуцент: „ Бумбаровото лето“, „ Фантазија“, „ Бело се пере на деведесет“, „ На сѐ доаѓа крај“ и „ Павилјон“.
Сотир Трајков
