Бизнис објектив Вести Економија

Бизнис објектив: Ново задолжување на меѓународните пазари

Откако на почетокот на годината државата се задолжи со еврообврзница во висина од една милијарда евра, сега одново се разгледува можно задолжување од 300 милиони евра на странските пазари. Владата на седница изминатава недела го задолжила МФ да ја стартува постапката.

„Задолжувањето на меѓународниот пазар е планирано со Буџетот за 2026 година, како и со Ревидираната фискална стратегија 2026-2030 година и Ревидираната стратегија за управување со јавен долг 2026-2028 (со изгледи до 2030)“, ни одговорија од Владата.

Вкупниот јавен  долг на крајот на 2025 година надимина 10 милијарди евра, или 59,6 проценти од бруто домашниот производ. Тоа е за нијанса под психолошката граница од 60 отсто, за која економистите сметаат дека не е пожелно да се надминува, иако досега во пракса повеќе пати се случило краткорочно да се пробие оваа граница.

70 отсто од парите од последното задолжување што државата го направи пред еден месец, кога ја реализираше аукцијата на 10-тата еврообврзница во вкупна вредност од една милијарда евра, се наменети за раздолжување на долгови кои доспеваат во наредниот период, додека со остатокот главно ќе се пополнува буџетскиот дефицит.

Според економистите, задолжувањето за раздолжување технички е оправдано затоа што старите долгови мора да бидат исплатени, меѓутоа структурно новите долгови не генерираат дополнителен раст затоа што не ја поттикнуваат ниту инвестициската компонента, ниту продуктивноста.

Спорно е што многу пати досега каматата за задолжувањето била повисока од стапката на економски раст што на среден рок претставува проблем за потенцијалот на економијата и на земјата да ги исплаќа овие долгови.

Дополнителен проблем што претставува ризик за управувањето со јавниот долг се т.н. невидливи долгови. Станува збор за преземени, но сè уште нефактурирани обврски на институциите кои се под државна капа.

„Доспеаните обврски не се дел од јавниот долг и истите изнесуваат околу четири проценти од бруто домашниот производ. Тоа значи дека ако овие долгови се вкалкулираат тоа може да го зголеми и јавниот долг за четири до пет процентни поени во однос на моменталното ниво“, вели Благица Петрески, економистка и извршна директорка на „Finance Think“.

Оттука, покрај структурни реформи на целиот јавен корпус, експертите посочуваат дека за да запре растот на јавниот долг е потребен економски раст од најмалку 3,1 отсто.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху: Нема да дозволам Иран да се вооружи со нуклеарно оружје

Дејан Дејан

СДСМ поднесе 82 амандмани на законите за судска и јавнообвинителска служба по критиките на вработените за предложените решенијата

Дејан Дејан

Уште еден осомничен за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, доби притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе