На денот на кој Друштвото на писателите на Македонија одбележува 79 постоење во овој храм на пишаниот збор беа врачени традиционалните награди. За добитниците тие се потврда за видливоста на она што го создаваат и особено значајни кога доаѓаат од книжевната фела.
Наградите не се ниту смислата, ниту целта на нашето пишување, но бидејќи придонесуваат за видливоста на она што го работиме, навистина се важни, согласни се добитниците на годинашните традиционални награди што ги доделува Друштвото на писателите на Македонија.
За Ќорвезироска добитничка на наградата „Стале Попов“ за романот „Три Марии“ за кој вели дека е директна алузија на романот „Две Марии“ од Славко Јаневски наградата е воедно и значајно признание од еснафот.
- Сакав да направам еден омаж, не ново читање, туку една почит да му укажам на Славко Јаневски како наш претходник и тоа што е моја раскажувачка поетика со децении и длабоко верување дека ништо не почнува со нас, туку дека секоја генерација е некој ластар од претходниците, се надевам дека ќе бидеме и поддршка за тие што допрва ќе пишуваат и тоа исто сакав да го покажам и во романот- изјави Оливера Ќорвезироска, добитничка на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело.
За мене наградата „Ацо Шопов“ е една од најмаркантните во Македонија, вели Бранко Цветкоски која ја доби оваа награда за неговата стихозбирка „Вообразби- лирски етиди за некој друг свет“.
- Се сеќавам на една негова изјава кога ја објави „Небиднина“ рече во иднината небиднината ќе ви биде многу чудна и ќе се чудите зошто ја крстив книгата Небиднина. Тоа се врзува и со мојата книга „Вообразби“ бидејќи вообразбата е првиот удар нестварен удар, којшто не знаете каде ќе ве одведе- изјави Бранко Цветкоски, добитник на наградата „Ацо Шопов“.
Во изминативе десет години радува фактот дека се гледа подем на книжевни критичарки, вели професор Шелева, добитничка на наградата „Димитар Митрев“.
- Квалитетна книжевна критика од атер не може да се направи, заради тоа критиката треба повторно да го добие она место што мислам како во последно време да и е одземено во јавниот простор. Едно исчитување кое е стручно и насочено, меѓутоа и бескомпромисно- изјави проф. д-р Елизабета Шелева, добитничка на наградата „Димитар Митрев“.
Во рамките на свеченоста на Хана Корнети и беше врачена наградата „Ванчо Николески“ за романот „Илина и тајните на Бабин Заб“ која уште една потсети на важноста на литературата за деца и млади денес. Добитник на наградата „Мост“ е поетското дело „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани, за книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија.
Нина Стефанова
Б.С.
