Вести Македонија Топ вести

Вонредни контроли и функционална комисија во борбата против незаконскиот медицински канабис

Во рок од најмногу 45 дена ќе треба да се проверат сите фирми кои имаат лиценци за одгледување на медицински канабис по налог на Владата, како резултат на заплената на 40 тони марихуана која незаконски се чувала и третирала. По вонредните контроли за нивното работење, надлежните институции извештај ќе треба да достават до владата.

Станува збор за 42 фирми, бидејќи 18 во меѓувреме останаа без лиценца. Проверки се извршија веќе во скопската „Алфафарм“ и две струмички фирми кои беа предмет на полициската акција по пронаоѓањето на пет тони во Србија, кои тамошните власти тврдат дека се од Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски неколку пати повтори дека очекува да се дојде и до заплена на 100 тони. Тоа значи дека уште кутии со медицински канабис ќе се редат на тајната локација, но сè уште не се открива како завршиле петте тони кај нашиот северен сосед.

На незаконски произведената дрога, како што изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, крајна цел ѝ биле или македонските улици или улиците низ Европа. А, комисијата која требало да контролира одредени злоупотреби постоела на хартија, но не и во реалноста.

Одлуката за формирање на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги била донесена во 2017 година од Владата на тогашениот премиер Зоран Заев. Потоа биле именувани и претседател и членови на комисијата од неколку министерства.

За претседател била именувана Лидија Савиќ од министерство за здравство и дополнително броела уште 10 членови. Но, наместо комисијата да се состанува најмалку еднаш квартално и за својата работа да ја информира Владата најмалку еднаш годишно, не била активна и немала резултати, како што објавија од Владата.

Меѓудругото, обврска на комисијата требало да ѝ биде и спроведување на стратегијата на надзор над опојните дроги, спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги. Особена нејзината улога била важна со оглед на тоа дека истата година со законските измени се овозможува во земјава да се одгледува медицински канабис.

Мрежата 23 која ги следи реформите во правосудството во извештај по направен скриниг во 2023 година нотирала дека била формирана комисија, но дека истата не е оперативна.

Сега Владата ќе именува нови членови, а сè уште никој не е приведен и покрај огромната заплена на медицински канабис.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

(видео)„Kако ќе се утврди вистината ако не се прикажат доказите“, прашаа родителите на денешниот 46. „Марш на ангелите“ во Кочани

Дејан Дејан

Израелскиот министер Кац со порака доТехеран: Доколку Иран се обиде да го нападне Израел ние ќе возвратиме со голема сила

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе