Вести Код Македонија

КОД: Мистериозна марихуана од Македонија за Србија- реконструкција и споредба за српската и македонската истрага и лошата контрола врз контроверзната „Алфафарм груп“

Легален граничен премин, на кој има Оне стоп-шоп систем односно заедничка полициско-царинска контрола на македонските и српските надлежни органи, царината и граничната полиција. Тоа е верзијата со која засега располага и ја проверува истрагата во Македонија, за 5-те тона марихуана. Според таа верзија, стоката, канабисот била декларирана како друга стока и документите лесно овозможиле влез на марихуаната во Србија. Но, за тоа српското обвинителство цела работна недела нема доставено никаква официјална информација до македонските истражни органи- ниту кога точно бил транспортот, ниту со колку камиони, ниту со која шпедиција ниту кој возел. Ништо.

Македонските легални производители на канабис за медицински цели никогаш транспортот на својата стока, без разлика дали е растение или масло, не го вршат преку земја и преку Србија кон земјите на ЕУ. Затоа што, во Србија не е легализирано ниту производство ниту употреба за медицински цели поради што и транзит низ таа држава може да заврши со заплена на медицинскиот канабис. Извозот и транспортот се врши исклучиво преку карго аеродромот во Скопје и стоката стига директно до нарачателот со сите потребни документи.

Преголем товар за лесно преминување на границата

Затоа криминалната група која имала врски и со српската владеачка партија на Александар Вучиќ и со бизнис и фирма во Македонија- во никој случај не можела легално да ја внесе марихуаната во Србија преку Табановце. Српското обвинителство тврди дека шверцот е правен во јануари.

-Оваа организирана криминална група делувала во меѓународни размери, така што од почеток на јануари 2026-та до 29-ти јануари 2026-та година, на територија на Република Северна Македонија набавила опојна дрога марихуана во количина од 5.002.079,18 грама. Опојната дрога, по планот на организаторот, преку границата ја пренесувал осомничениот Иван Драгниќ, до складот на семејството на осомничените Спасојевиќ. Оттаму заради понатамошна продажба ја преземал осомничениот Урош Младеновски, стои во соопштението на ТОК- српското обвинителство за организиран криминал.

Според соопштението осомничени и притворени се Небојша и Раде Спасојевиќ, на чиј имот е најден складот со марихуана, Иван Драгниќ кој имал сопствеништво македонската фирма Алгафарм груп и Урош Младеновски. Организаторот на групата Александар Мијаиловиќ е во бегство. Но, обвинителството во Белград тврди дека дрогата е донесена од Македонија и преку граница.

А за да помине преку граница, според познавачите толкава количина не може да се спакува само во еден камион. Една кутија со спакуван цвет марихуана е со димензии 60 по 60 по 40 сантиметри и може да тежи најмногу 6 килограми. Најголемата камионска приколка долга 13 метри може да собере максимум 520 такви кутии или околу 3,1 тон. Или тоа во превод значи дека доколку дрогата стигнала од Македонија, како што тврди српското обвинителство, тогаш за 5-те тона марихуана требало најмалку два огромни шлепери до врв полни со кутии или три камиони со помали приколки. 

Колку пати, во јануари бил организиран транспортот на марихуаната и колку пати Иван Драгниќ ја поминал границата, се податоци кои се дел од истрагата отворена во Македонија, а српската досега не ја известила за тие детали.

Речиси две години без контроли кои треба да бидат најмалку 2 годишно

Веднаш откако беше запленетата марихуана во селото Коњух кај Крушевац, македонските надлежни органи биле изненадени од информацијата бидејќи немале никакви сознанија за акцијата од српска страна иако имаат договор за полициско-обвинителско соработка.

Ден после акцијата, откако се дознало дека уапсениот Драгниќ е сопственик на фирма за канабис сместена во ОХИС, од полицијата и од комисијата за контрола на опојни дроги биле во посета на Алфафарм груп, во кругот на фабриката ОХИС. Биле утврдени повеќе неправилности за складирањето на произведената марихуана и за начинот на пријавување. Истрагата добила први траги, но без поврзување со заплената во Србија. Единствената врска е Драгниќ- во Македонија сопственик на фирма за марихуана, во Србија е притворен за шверц на марихуана.

Според сознанија на КОД, во фирмата Алфафарм груп која била основана 2023-та, а лиценца за марихуана и била издадена од техничката влада со амин на Министерството за здравство во март 2024-та, ланската година 2025-та, немало ниту една контрола од надлежната комисија иако законски има обврска за најмалку две годишно. Последната контрола била извршена на почетокот на 2024-та кога фирмата барала проширување на капацитетите во период кога и била одобрена лиценцата.

По првично утврдените неправилности, во средата почнале претреси во Алфафарм, покрај овој објект полицијата заедно со комисијата за контрола во состав од двајца вработени во здравство, прави претреси во уште две фирми за канабис за медицински цели во струмичко, во ЦБД Метплант- Борисово и во Лифеплант- Струмица. Траеле до четврток наутро до 9 часот, а внатре во објектите се најдени повеќе тони марихуана, за чие складирање се утврдени неправилности согласно ЗАКОНОТ ЗА КОНТРОЛА НА ОПОЈНИ ДРОГИ И ПСИХОТРОПНИ СУПСТАНЦИИ.

Според првичните анализи, канабисот бил компромитиран како суровина за медицинска обработка бидејќи имал стебла и гранки, а не само сув цвет и бил пакувања кои не биле соодветни за медицински канабис. Во четвртокот вечерта почна изнесувањето на марихуаната од Алфафарм, која има лиценца за производство, ама и соптсвеник притворен за шверц во Србија.

Според сознанијата на КОД, порано објектот на Алфафарм груп, користен од друга фирма, имал годишен капацитет на производство од 800 килограми до максимум еден тон. Но, сега полицијата најде десетина пати тони повеќе марихуана од производствениот капацитет.

ОХИС-Борисово-Струмица

Во досието на фирмата имало документи кои покажуваат дека Алфафарм имала склучено договори за купопродажба, за техничко-деловна соработка и за закуп со двете фирми од јужна Македонија во кои исто така биле правени претреси. КОД имаше увид во еден документ за транспорт на марихуана од фирмата ЦБД во фирмата Алфафарм. Испораката на 1,2 тони марихуана била извршена на 10 ноември 2025-та, а транспортот бил извршен во кутии од по 6 килограми. Врските на Алфафарм со двете струмички фирми биле причина за почетокот на претресите во сите три истовремено кога се најдени тони и тони марихуана.

Сега се утврдува дали има кривични дела само по закон за контрола на опојни дроги или има и докази за организирана криминална група за шверц на марихуана. Дополнително, Алфафарм кога добила лиценца во 2024-тата има набавено и апаратура за екстракција на канабис масло поради што и други фирми за производство на канабис можеле и доставувале марихуана за преработка. Но, допрва ќе се утврдува и вештачи зошто најдените десетици тони не биле на соодвтено место и во соодветно пакување за идна медицинска обработка.

Но, најголем проблем е во 5-те тона најдени во Србија. Во истрагата се користени и посебни истражни мерки како снимање и прислушување. Првичните информации од таа страна на границата се дека дрогата стигнала од Македонија, а истрагата се уште не е завршена и се уште не е утврдено потеклото на марихуаната, што го потенцира и самото обвинителство во своето соопштение.

-Имајќи предвид дека дел од извршените активности укажуваат на меѓународен карактер на кривичното дело, особено во врска со опојната дрога на територија на Република Северна Македонија, идниот тек на истрагата ќе ги расветлат сите околности на овој кривичен настан, идентификување на сите учесници, како и утврдување на потеклото на опојната дрога, стои во соопштението на ТОК- српското обвинителство за организиран криминал.

Во српските медиуми се алудира и на изјава на српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ дека се уште не е познат организаторот на групата. Заплената и откритието на 5-те тони марихуана се погоди само еден месец пред расформирањето на Обвинителството за организиран криминал-ТОК во рамки на реформите на Вучиќ. Актуелната власт реши да го расформира ова обвинителство правдајќи се со реформи иако е јавно познато во Србија, дека тоа обвинителство остана единствено активно во истраги за организиран криминал, истраги со кои понекогаш се опфатени и функционери на владеачката СНС, партијата на Вучиќ. Така беше и со марихуаната во Коњух.

Дополнително, власта на Вучиќ прави и полициски реформи со кои се трансформира оделот за борба со организиарна криминал- па така ден пред акцијата, двајцата инспектори кои ја воделе истрагата за марихуаната- биле префрлени од својата анти дрога задача да работат како информатичари. Но, сите вклучени во истрагата и покрај притисоците со смени и откази, ја начле дрогата во куќата на функционер на СНС.

Случајот е отворен додека владеачките структури на Вучиќ се под постојан граѓански и опозициски притисок како и протести против корупциски злоупотреби на функционери. Одеднаш дрогата се најде во куќа на човек кој порано бил близок со актуелниот министер за одбрана, а поранешен министер за внатрешни работи и директор на српската тајна служба БИА, Братислав Гашиќ. Но, тој ги обвини опозиционерите за дневно политичка хајка против него и тврди дека партиската книшка нема да заштити никој од законот.

Легално ги гледале во Џевахир

Балонот полека ја зафати и Македонија- се испитуваат врските на Драгниќ кој имал фирма во Македонија за медицински канабис. Според сознанијата до кои дојде КОД, повеќе српски државјани кои се поврзани со него и лично тој- кога биле во Скопје, живееле и се шетале во комплескот во Џевахир. Таму биле видени и неколку дена пред акцијата во Србија. Биле гласни и се фалеле со познанства со претставници на актуелната власт, но и со претставници на струмичкото крило на поранешната власт.

Еден од нив Драгниќ е упасен и осомничен во Србија во која уште во првите часови по откритието на марихуаната беше навестено дека таа дрога не е единствена. Во август лани, биле откриени два тона марихуана кои наводно биле на истата група во која е скопскиот бизнисмен Драгниќ. Неколку дена претходно бил фатен и Урош Младеновски во Белград со сто килограми.Јавноста во Србија се шокираше бидејќи им била сокриена информацијата за два тони запленета марихуана. Дрогата наводно е наменета за српскиот домашен, но и за странски пазари.

-Сигурно освен на европскиот пазар, оваа марихуана, дел од неа била наменета веројатно за нашиот домашен пазар. Би нагласил и дека како што ме известија од криминалистичката полиција дека на оваа акција и претходеле други акции и дека оваа група веќе била на удар на полицијата и биле запленети ми се чини дека рековте во август околу два тона и дека пред недела, две се запленети 100 килограми. Сега ова е капитална заплена и видовте и сами дека е спакувана за понатамошна дистрибуција, изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи на Србија, веднаш по заплената.

Петте тона, според македонските цени, 500 денари за грам, имаат улична вредност од околу 2 и пол милијарди денари односно 40 милиони евра. Сепак таа количина губи на вредноста поради дополнителни нарко трошоци како транспорт, кражби од дилери и продажба на големи количини, па според македонската цена за килограм марихуана од три илјади евра- марихуаната најдена во домот на човек од српската владеачка партија би се продала за 15 милиони евра.

Акцијата во Србија предизвикала според информации и исчезнување на двајца водачи на нарко групи од Скопје, кои ги „снемало“ по падот на марихуаната во Крушевац. Дополнително, откритието на српските, отпишани од Вучиќ, полициски кадри, ги разгоре сомнежите дека македонски младинци многу често се ангажирани од српските нарко групи за работа во Белград и во други делови на Србија. Сите тие сознанија, се нов предизвик за полицијата во Македонија.Но, примарната задача е да се утврди врската меѓу 5-те тони и Македонија.

Миомир Серафиновиќ

Прилогот е емитуван во КОД „Марихуана MADE IN MACEDONIA- најдена во Србија“ за бизнисот полн со проблеми и без потребната државна контрола беше прикажана на 08.02.2026. на ТВ Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе