Поранешниот премиер, Зоран Заев,се закани со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ доколку не му се извинат. Во објава на Фејсбук тврди дека нема никаква поврзаност со случаите на запленета дрога.
Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање. Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име„, напиша Зоран Заев на Фејсбук.
Заев ги отфрли и останатите наводи кои се пласираат во јавноста, како оние за изградба на облакодери во Дубаи или притисоци за купување на болницата „Жан Митрев“. Вели дека досега не сакал да тужи поради борбата за слобода на говорот, но дека овојпат ќе ги искористи сите правни средства за да го заштити своето име.
За ВМРО-ДПМНЕ, оваа реакција на Заев е потврда за нивните тврдења. Прашуваат и зошто Венко Филипче панично ја напуштил државата на втори февруари и се упатил кон јужниот сосед; како и дали и каков состанок имал со Заев?
Јавувањето во јавност на Заев е директно погодување во центар и изблик на нервоза на Заеви кои се фатени директно на лице место во медот. Заев лаже дека не гради во Дубаи, а за тоа има јавни сведоштва и факт е дека Заев заедно со Филипче има златна виза и е добро да објасни врз кој основ ја добил визата. Филипче лажеше дека ќе бил доктор во Дубаи и затоа добил виза, и Заев ли ќе оперира па затоа добил виза.Факт е дека основоположник на бизнисот со марихуана во Македонија е владата на Заев.Околу 70 проценти од запленетата дрога е на фирма која е во сопственост на кадар од СДС, поточно човек близок на Заев.Дополнително само во текот на вчерашниот ден во струмичко беа запленети околу 30 тони дрога, изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Петрушевски тврди дека, лицето и фирмата поврзани со СДСМ се „ЦБД Медплант“ во сопственост на Тони Котев познат како М’гчев кој е поранешен претседател на општинскиот одбор на СДСМ во Ново село. Поточно формалната сопственост на фирмата е кај неговиот син Христијан Котев.
За М’гчев вели и дека е познат како личност чии бизниси се поврзани со Вице Заев и дека, неговата фирма за шест месеци лани испорачала 19 тони марихуана кон скопската фабрика каде стартуваше полициската акција. Оваа фирма добила одобрение за работа за време на владата на Заев, кога Филипче бил министер, оттаму и апелира до јавното обвинителство да ја истражи нивната поврзаност.
Од СДСМ, пак, и денеска побараа да се даде одговор на прашањето, како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара? Тврдат дека, без заштита и поддршка од институциите, таков шверц не е можен.
Укажуваат и дека, ако навистина се запленети 40 тони нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта затоа што го дозволиле тоа.
Далиборка Демјанска Цветановска
