Иран и Соединетите Американски Држави денеска треба да одржат разговори во Оман, во врска со нуклеарната програма на Техеран.
Средбата следува по турбулентна недела, во која првично се разгледуваше можност разговорите да се одржат во Турција со вклучување и на регионални земји.
Претходните рунди преговори не донесоа резултати по израелската 12-дневна војна против Иран во јуни минатата година, за време на која САД бомбардираа ирански нуклеарни постројки… Од тогаш, тензиите меѓу Техеран и Вашингтон останаа високи.
Меѓувреме, Иран беше потресен од масовни протести низ целата земја, на кои властите одговорија со жестока репресија.
Според извештаи, илјадници лица биле убиени, а десетици илјади уапсени. Американскиот претседател Доналд Трамп во изминатиот период се закани со нови удари, што дополнително ги забрза дипломатските напори.
Портпаролката на Белата куќа, Кедролајн Левит синоќа изјави дека претседателот Доналд Трамп со нетрпение ги очекува американско-иранските разговори во Оман за да утврди дали е можен договор со Исламската Република.
– Додека се водат овие разговори, би го потсетила иранскиот режим дека претседателот, како врховен командант на најмоќната војска во историјата на светот, има многу опции на располагање надвор од дипломатијата. Дипломатијата е секогаш првата опција за претседателот кога станува збор за справување со земјите ширум светот, без оглед дали се наши сојузници или наши противници, наведе Левит.
Трамп напиша дека треба нов договор за ограничување на нуклеарните арсенали откако истече Нов СТАРТ.
– Наместо да го прошируваат Нов СТАРТ, лошо испреговаран договор од страна на САД, кој, меѓу другото, грубо се крши – нашите нуклеарни експерти треба да работат на нов, подобрен и модернизиран договор, што ќе трае долго во иднина, објави Трамп на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth social).
К.К.
