Oпозициската СДСМ денеска во ново соопштение пишува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски има фотографии со како што пишува СДСМ криминалецот С.З., познат како Симе, уапсен со поголема количина дрога, оружје, муниција и пари.
-Откако ВМРО тврдеше дека станува збор „само една фотографија“, излегоа повеќе. Од тогаш молк. Молчи ВМРО, молчат институциите. Се бега од одговор каква е поврзаноста на Мицкоски и ВМРО со криминалецот Симе? Свиркачи до АКТ СДСМ доставија видео на кое се гледа како Симе, криминалецот од сликите со Мицкоски, пука со автоматско оружје – калашников. На собир со знамиња на ВМРО, Симе пука со калашников. Самото поседување автоматско оружје е незаконско, а пукањето покажува дека предизвикал и општа опасност, пишуваат од СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат кој смее вака да се однесува и ова да го прави? Пукање со калашников пред маса на луѓе и воопшто да не се грижи дали ќе биде уапсен?
-Само оној што е директно поврзан со власта, оној којшто е заштитен од власта и работи за неа. Мицкоски не може да се крие, мора јавно да одговори – што го поврзува со криминалецот Симе?стои во соопштението на СДСМ.
