Вести Македонија Топ вести

Петстотини казни од „Сејф сити“ во првите часови – не мируваат ниту полициските радари низ Македонија

Во првите часови од функционирање на системот „Безбеден град“, камерите регистрирале петстотини сообраќајни прекршоци – што веќе не резултира со опомена, туку со платен налог за прекршителите на сообраќајните правила.

Ова значи пад на бројките, во споредба со изминатиот тест-период, велат надлежните. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера вечерта ја посети командната просторија на системот „Сејф сити“ и оттаму ги сподели првичните бројки од следењето на сообраќајот.

„Имаме отприлика околу петстотини сообраќајни прекршоци коишто се констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи вие сте тие коишто овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120.000 на 500 прекршоци“, кажа вчера министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. 

Системот стартуваше со работа вчера во неработен ден, а од МВР допрва се очекуваат податоците за тоа како поминал и првиот понеделник со камерите кои будно ги снимаат улиците во Скопје, Тетово и Куманово, како и коридорите 8 и 10.

За системот има и други бројни прашања, главно за тоа како ќе се располага со снимените податоци, за што од опозицијата алармираа уште во тест-периодот на „Безбеден град“.

Преку мрежата на камери, системот автоматски ќе детектира и санкционира четири најчести прекршоци: возење со брзина над дозволената, минување на црвено, непрописно паркирање и управување нерегистрирано возило.

А, во денови кога целата јавност очите ги вперува во новиот систем „Сејф Сити“, не мирува ниту полицискиот радар онаму каде што сѐ уште не се поставени камери. Во Битола, бил уапсен 22-годишник кој забрзал до екстрем – 139 км/ч, на пат каде што ограничувањето е само 60.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран изврши напади со беспилотни летала врз Бахреин и Кувајт – Трамп се заканува „САД ќе бидат принудени воено да ја завршат работата“

Дејан Дејан

Мајка од струшко ги оставала своите две малолетни деца да спијат во возилото додека била на работа

Дејан Дејан

Врачување на највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата на манифестацијата „Мостови“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе