Вести Македонија

Објавени имињата на странските експерти кои ќе ги истражуваат сомнежите за непотребни операции на срце

Докторите Уголино Ливи, Никола Лакиќ и Черчек Миха, се членовите на странската комисија која ќе ги истражува наводите за непотребно извршени кардиолошки и кардиохируршки операции. Од Министерството за здравство објаснија дека станува збор за реномирани лекари со меѓународни кариери, кои ќе треба да утврдат дали имало медицинска оправданост за извршените зафати.

„-Д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, кој има стекнато богато професионално искуство во областа на трансплантација на срце. Исто така, како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област.

– Д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, со повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар Љубљана.

– Д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишно искуство на одделот за кардиологија. Овој експерт, исто така, има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана“, соопштија од Министерство за здравство.

Во известувањето од Министерството за здравство нема коментар за оставката на кардиологот Сашко Кедев од домашната комисија. Кедев се повлече од Здравствениот совет при Министерството за здравство, сугерирајќи дека составот на комисијата не е соодветен за да ги врши контролите.

„Ве известувам дека се повлекувам од работата на здравствениот совет на Министерството за здравство, од причина што сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со веќе докажан стручен и професионален кредибилитет“, стои во оставката на Сашко Кедев до министерството.

Кедев го отвори случајот со непотребни операции на срце изјавувајќи дека во приватни болници биле правени операции за кои немало потреба само заради профит. Домашната комисија досега, при проверка на 19 операции, утврди дека 10 од нив биле непотребни. Во меѓувреме до комисијата стасаа и нови претставки кои допрва треба да се одлучуваат – а конечниот суд треба да го даде комисијата составена од странските лекари. Целиот случај е отворен уште пред 6 месеци, а јавноста и натаму ги чека одговорите.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран изврши напади со беспилотни летала врз Бахреин и Кувајт – Трамп се заканува „САД ќе бидат принудени воено да ја завршат работата“

Дејан Дејан

Мајка од струшко ги оставала своите две малолетни деца да спијат во возилото додека била на работа

Дејан Дејан

Врачување на највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата на манифестацијата „Мостови“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе