Од денеска улиците и патиштата во Скопје, Куманово и Тетово, како и коридорите 8 и 10 добиваат „нов чувар“.
Системот „Сејф сити“ официјално започнува со работа и со тоа станува тивок, но прецизен сведок на сообраќајните навики.
Преку мрежата на камери, системот автоматски ќе детектира и санкционира четири најчести прекршоци: непрописно паркирање, возење со брзина над дозволената, минување на црвено и управување возило со истечена сообраќајна дозвола.
Пораката до возачите е јасна – правилата не се препорака, а камерите не пропуштаат. Од МВР велат дека системот „Безбеден град“ не е за казнување туку за поголема безбедност во сообраќајот.
Возење до 10 km/h над дозволеното во населено место ќе чини 15 евра. Ако стрелката се помести од 10 до 30 km/h, казната ќе расте на 50 евра. Но, кога брзинометарот ќе избега од контрола и ќе надмине од 30 до 50 km/h, казната е 300 евра плус забрана за управување 3–12 месеци. Надвор од населено место казните се од 20 евра до 300 евра.
Непрописно паркирање ќе чини од 25 до 180 евра, а поминување на црвено ќе се казнува со 250 евра и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Граѓаните се на став дека „Сејф сити“ нема да го реши главниот проблем, но сепак сметаат дека ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.
- „Мислам дека ова нема да го реши главниот проблем, но веројатно ќе не натера малку побавно да возиме. Но, тие 50-60 километри на час не се проблем. Ќе има повеќе за плаќање, веројатно ќе ги погоди најсиромашните најмногу.“
- „Тоа е во ред. Би требало малку време за да се вразумат возачите. А, казните дали се доволни – зависи за кого,“ влат граѓаните пред камерата на Телма.
Камерите ќе мерат брзина со толеранција, за да се увери јавноста дека целта не е казнување туку спасување животи, велат надлежните. Шест километри на час е максималната отстапка, за казна за надминување на брзината на возење низ град. Постепено и како што ќе се навикнуваат возачите, така ќе се намалува и тој праг на толеранција.
Петар Догов
Б.С.
