Погрешна е перцепцијата дека камионски превозници ги прекршувале правилата за престој и транспорт во Шенген зоната, вели претседателката на Здружението на превозници „Макамтранс“, Биљана Муратовска, во гостување во емисијата „Топ Тема“, каде што зборуваше за протестот на камионџиите и европските бариери со кои се соочуваат превозниците од Западен Балкан.
„Во почетокот, пред 17 години, кога се потпиша спогодбата за визна либерализација, Шенген зоната броеше пет држави. Со текот на годините таа се прошируваше, за минатата година да достигне 29 држави. Тоа значи дека претходно било полесно, бидејќи не се броеле деновите поминати во другите држави, додека сега сите 29 се дел од Шенген и веднаш се наоѓаме во рамките на тие ограничувања“, истакна Муратовска.
Таа посочи дека превозниците повеќе од две и пол години се обидуваат институционално да го решат проблемот, преку меморандум со здруженија од четири држави, дописи, лобирање и средби во Брисел.
„Транспортните работници работат според меѓународни и мултинационални прописи откако ќе ја напуштат државата. Ограничени се со строго утврдено работно време на возење, а државата преку Министерството за транспорт има склучено 34 спогодби со други држави за уредување на пристапот до пазарот“, нагласи Муратовска.
Според неа, проблемот не е во непочитување на правилата, туку во нивната примена по проширувањето на Шенген зоната, што директно ги погодува македонските и регионалните превозници.
T.Д.
