Технолошко-индустриските зони на локации како Виница, Делчево, Берово, Ранковце, Радовиш не се атрактивни за странските инвеститори од причина што демографијата таму не е иста како пред 10-15 години кога почнале да се формираат и градат, изјави Гоце Димовски, директор на ТИРЗ, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Идејата ни е, согласно законските прописи, да ги трансформираме во индустриски зони. Бидејќи ТИРЗ зоните, согласно законот, може да извршуваат одредени дејности, додека индустриските зони се пофлексибилни од тој аспект. И кај индустриските зони може земјиштето да се продаде. Нас идејата ни е да ги трансформираме во индустриски зони, да ги продадеме на општините и општините да ги продадат тие парцели, урбанизирани локации, на домашни компании, со цел да го развиеме локалниот економски развој. Од една страна ќе правиме развој на локалната економија, од друга страна ќе ги направиме оперативни да не бидат само полиња како што, за жал, се сега“, рече Димовски.
Вкупната површина на земјиште во петте посочени ТИРЗ е 287 хектари.
С.Д.
