Автономна Европска унија (ЕУ) отворена кон светот, која ќе може да соработува со сите, раководена од меѓународното право. Ова е мотото на Кипар како нов претседавач со Унијата, чиј амбасадор во Македонија ги претстави приоритетите на претседавањето пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, при што за проширувањето рече дека треба да се води согласно одлуките на Европскиот совет.
„Северна Македнија, се разбира, останува дел од процесот на проширување на ЕУ на линија со усогласените постапките и одлуката на Советот“, рече Андреас Фотиу, амбасадорот на Кипар во Македонија.
Амбасадорот на Кипар во Македонија, Андреас Фотиу, зборувајќи за важноста на реформите кои треба да ги преземе земјава, рече дека Кипар ги препознава напорите што Македонија ги прави во делот владењето на правото и човековите права и инклузивното управување.
Министерот за европски прашања, Беким Сали, токму во делот на реформите земјата ја гледа својата политичка одговорност да покаже дека државата има капацитет да испорача резултати, а не само да дава ветувања.
„Реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал мора да бидат подлабоки, поодржливи и посуштински“, рече Сали.
Од опозицијата, пак, беше изразена згриженост дека не само што не прави ништо по прашањето на забелешките кои стигнаа од ЕУ, туку се практикуваат антиевропски манири.
„Не сме го зајакнале системот, не можеме да бидеме подготвени ниту за некаква политичка одлука, доколку дојде до такво нешто во рамките на ЕУ“, рече Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.
Според Филипче не се спроведува ниту реформската агенда на земјата, се загрозува слободата на говорот во земјата, а се влошуваат односите со соседите.
На забелешката му возврати Антонијо Милошоски, кој го обвини Филипче дека измислува проблеми каде што нема, само за да го сврти фокусот од проблемите во СДСМ. Од претседавачот со ЕУ, Кипар, Милошоски побара решавање на проблемот со превозниците.
„За време на вашиот мандат да се најде начин во рамките на постоечката регулатива како овој проблем да се надмине“, рече Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања.
Халил Снопче од Алијанса за Албанците и академик Владо Камбовски, пак, потсетија на она што е најважно за Македонија да може да ги реализира евроинтеграциите.
„Ние треба да разбереме дека устанивте измени и отворање на преговорите за проширување се синоним и тие не одат едното без другото“, рече Снопче.
„Проектот на европски интеграции не е во сопственост на ниедна политичка партија, поединци, групи, итн. Туку еден историски проект кој е во општа сопственост на сите чинители на македонското општество“, рече академик Камбовски.
Академик Камбовски поради тоа побара да се работи на забелешките кои ѝ ги дава Унијата на змејава и посериозен пристап, под кој, како што рече, подразбира поширока инклузивност на спроведување на реформите.
Тамара Грнчароска
