Пробен период со известувања за сторени прекршоци, тестирање на системот, калибрација на уреди. Со ваквите активности МВР, овие два месеци декември и јануари ги подготуваше граѓаните но и самиот систем за автоматска детекција на брзина – Безбеден град. Викендов се прават последните проверки на системот во Тетово и Куманово. Наредниот викенд, односно во недела 1 февруари, ќе стигнат и првите казни за граѓаните.
Министерот Тошковски вели дека дека со овој систем се поставуваат повисоки безбедносни стандарди во сообраќајот и неговата цел е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.
„Системот работи автоматски и непристрасно – камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, вели министерот Панче Тошковски.
Универзитетскиот професор и сообраќаен експерт Никола Крстановски вели дека со децении владее масовно непочитување на сообраќајните прописи и затоа општеството плаќа „тежок данок“ во форма на бесмислено губење на животи, доживотни инвалидитети и материјални штети се поради несовесно однесување во сообраќајот.
„Ако ме прашате дали е подготовен системот, детали не ми се познати меѓутоа сметам дека овој преоден период беше доволен МВР и нивните стручњаци, да ги отстранат недостатоците кои бе забележани на почетокот. А уште поважно од тоа што и МВР пристапи на еден коректен правилен начин со овој тест период, бидејќи не само што тест периодот овозможи надминување на евентуално технички проблеми туку и подготовка на самите учесниците во сообраќајот“, вели професорот Никола Крстановски.
За системот имаше голем број критики од етички, економски па и национален аспект.
Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на територијата на целата држава. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе дејствуваат особено на т.н. „црни точки“ на патиштата.
Александар Самарџиев
