Во вечерашната емисија Вин-Вин универзитетскиот професор Александар Спасов се осврна на стратешките интереси на САД кои се движат кон најголемите предизвикувачи, а тоа е пред се Кина и Пацификот, но и други држави.
„Додека стратешките интереси на ЕУ е да се одржи интеграцијата и да се даде нов стимул на интеграција. И сега ние тоа можеме да го нарече политички развод или политичка кавга, но треба да правиме разлика помеѓу појавноста кој како реагира, кој каков карактер има и процесите што се случуваат“, изјави Спасов.
Според професорот Спасов, уште пред Трамп и уште за време на администрацијата на Обама започнало менувањето на стратешките ориентации.
„Се разбира во вториот мандат на Трамп на појавно ниво го гледаме многу појасно дека се случува, но не би рекол дека се работи за некакво преголемо изненадување или нешто што не беше најавено“, додаде Спасов.
Во делот на Европската Унија и позицијата на Македонија, Спасов истакна дека ЕУ треба да ни биде приоритет поради економијата, но и демократијата и дека како мала држава е потребно да ја сфатиме нашата големина.
„Нас ЕУ ни е нужна прво поради економијата и второ поради демократија, бидејќи унијата е се уште простор којшто либералната демократија како што ја знаеме опстојува и функционира. Во однос на САД тоа што тие го менуваат глобалниот фокус не значи дека ќе изгубат интерес во однос на овој дел од светот, но треба да го сфатиме новиот интерес и да идеме во аранжмани таму каде САД имаат интерес односно ние да се прилагодиме и да сфатиме која е нашата големина и не да замислуваме дека ние сме некои играчи“, објасни Спасов.
Т.Д.
