На Комисијата за одбрана и безбедност се разгледуваат измените и дополнувањата на Законот за внатрешните работи и Законот за полицијата, предложени по скратена постапка.
Со нив се предвидува трансформација на Секторот за внатрешни работи Скопје во Оддел за внатрешни работи – Скопје, како и дополнување со нова работна позиција – началник на Одделот.
Измените имаат за цел унапредување на организациската структура на полициските единици, особено на територијата на Скопје, со поголема ефикасност, подобра координација и оптимално користење на човечките и материјалните ресурси во Министерството за внатрешни работи… Дополнително, со предлог-законот се врши и терминолошка корекција за криминалистичко-техничките работи.
Со новата организациска поставеност, Скопје се издвојува како посебна територијална единица, а раководителот на Одделот ќе има повисок организациски статус во однос на другите сектори.
