Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вели дека разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос биле фокусирани исклучиво на безбедноста на Арктикот, а не на политичкиот статус на Гренланд.
По средбата договорено е сојузниците да работат на јакнење на копнените, поморските и воздушните капацитети на НАТО на Арктикот, вклучително и Гренланд.
Шефот на НАТО за „Фокс Њуз“ додаде дека САД ќе ги продолжат своите разговори со Гренланд и Данска, вклучително и за спречување на Русија и Кина да добијат пристап до економијата на Гренланд.
Трамп најави и дополнителни разговори поврзани со ракетниот одбранбен систем „Златна купола“, додека како можен компромис се споменува и изградба на нови американски воени бази на островот во соработка со Данска и НАТО.
