За година и половина беа разрешени еден апелационен судија од Скопска апелација и еден врховен судија, а сега и апелациониот судија Ѓоко Ристов е суспендиран, откако беше осомничен за примање награда за противзаконито влијание.
Вина му беше докажана само на поранешниот врховен судија Наќе Георгиев, кој заврши во затвор.
Прашање е колку разрешувањето на високо позиционирани судии поради несовесно работење или апсењето поради кривични дела може да ја зголеми и онака ниската доверба во правосудниот систем.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека е грешка што ваквите случаи се третираат како изолирани инциденти, а не како симптом за подлабок системски проблем во правосудството. Потребни се конкретни активности кај сите органи за унапредување на системите за интегритет и контрола, постапките за избор и филтерот за влез на кадрите во судството, вели Аврамовски.
„Ние со години наназад имаме проблеми и скандали во поглед на приемот на слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители. Имаме скандали поврзани со изборот на членови на Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, имаме скандали поврзани со избор, унапредување и разрешување на судии и јавни обвинители. Имаме континуирано ниска доверба во судството, високи перцепции за корупција и во таа насока ваквите реални случаи, кривични постапки коишто се водат против функционери од судството не би требало да се третираат како изолирани инциденти“, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење.
Според него, ваквите дела тешко се докажуваат, но тоа што нема пресуди, не значи дека нема корупција во судството.
Во изминатите години имаше повеќе разрешувања, но само неколку случаи кога судии завршија во затвор.
Поранешниот врховен судија Наќе Георгиев во август во 2024 година призна вина и се спогоди со обвинителството да добие три години затвор за примање награда за противзаконито влијание. Георгиев и поранешниот член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети му барале пари на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, осомничен за шверц на дрога, за да му ја олеснат положбата.
Поранешниот скопски апелационен судија Енвер Беџети беше разрешен од Судскиот совет, откако заврши на црната листа на САД. Судскиот совет претходно го казни со 20 отсто од плата, затоа што девет месеци го чувал во фиока предметот „Таргет-Тврдина“ против Сашо Мијалков за да застари. Обвинителството против него отвори истрага за корупција и трговија со влијание, но обвинение досега не е поднесено.
Во 2020 година, поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд доби две и пол години затвор за манипулации со АКМИС системот. Поранешниот врховен судија Стојанче Рибарев во 2021 година беше разрешен поради рачно делење предмети.
Во изминатите години имаше низа постапки за корупција против судии од помали судови од внатрешноста. Веројатно најпознатиот случај е од пред една деценија, кога во случајот „Јустиција“ беа уапсени 14 судии за прекршоци од Скопје, но се спогодија за условни казни.
Последен е случајот на Апелациониот судија, Ѓоко Ристов, кој е суспендиран и му е одреден куќен притвор. Обвинителството го сомничи за примање награда за противзаконито влијание, откако кај неговите родители беа пронајдени скриени 350.000 евра, но истрагата против него е во рана фаза, а докажувањето на евентуална вина е далеку.
Срѓан Стојанчов
