Левица тврди дека со демантот, ДКСК наместо да негира потврдиле дека била ангажирана архиварка со договор на дело, а ангажираната била блиска со член на ДКСК.
Од Натикорупциската вчера негираа дека може да се распределуваат предмети рачно, а за ангажираната велат дека била второрангирана на конкурсот, но била ангажирана поради потребите за средување на архивата на ДКСК и за ништење на документација од стари предмети согласно закон. Не коментираа за блискоста на хонорарката со членот Цвета Ристовска, бидејќи Ристовска е избрана на конкурс и работела во ДЗР.
Месечниот хонорар на ангажираната архиварка бил 25 илјади денари месечно (според исплатите во OpenFinance), а договорот и завршува на 29-ти јануари по што таа ќе си замине бидејќи нашла работа на друго место во друга институција.
-Со самото признание дека во архивата било ангажирано лице со договор за дело, поврзано со партиски блиски медиумски и универзитетски кругови, и дека институцијата функционирала со сериозни внатрешни слабости, ДКСК всушност го признава она што ние го разобличуваме, тврдат од Левица.
Според нив ДКСК не реагира во некои јасни случаи.
-Дополнително, ДКСК не реагира ниту на очигледните случаи кога функционери од власта поднесуваат формално доставени, но суштински неточни и нецелосни анкетни листови, со прикриени или искривени податоци за имотната состојба. Станува збор за неправилности кои се лесно воочливи и за најшироката јавност, а не пак за институција чија основна надлежност е токму контролата на ваквите пријави. Впрочен, во неколку наврати, Левица на тацна им сервираше вакви нерегуларности, но и покрај тоа, Комисијата не презеде никакви мерки, соопштија од Левица.
ДКСК и претседателот на Комисијата Адем Чучуљ ги негираа овие наводи и тврдат дека сите актуелни и нови предмети се за актуелни функционери, а дополнително ќе бидат разгледувани имотни листови на функционери од највисокиот ешалон (министри, директори и слично).
Миомир Серафиновиќ
