Синдикатите и Владата ќе имаат различни потрошувачки кошнички, кои треба да покажат колку пари им се потребни на македонските граѓани за да го преживеат месецот.
Од 1 јануари Владата ќе пресметува просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку за четиричлено семејство. На оваа тема се очекува да дискутираат синдикатите, работодавачите и Владата на 22 декември, за кога е закажан Економско-социјалниот совет.
- Па видите ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, вели Ристески.
Владата ќе пресметува кошнички за двочлено, трочлено семејство и за пензионери, а Ристески најави дека Комисијата за заштита на конкуренција ќе ги објави и резултатите од работата на 30-те предмети.
Задоволен е од функционирањето на Законот за нефер трговски практики, кој откри картелско здружување на супер маркетите. Ги пофали и пазарните инспектори, кои при 20.000 контроли изрекле казни во висина од 2,5 милиони евра, а наредната година ќе има и повисоки казни за трговците.
Викторија Димитрова Јованова
Б.С.
