Во Тетово ќе се гради Саат кула која постоела само во Османлискиот период, најави општината, па доби реакција дека води погрешна политика во третманот на културното наследство во градот
Објектот ќе се гради со пари-донација од Турција, но и стручна помош од Националниот конзерваторски центар.
„Саат кулата е важен објект за културното наследство на Тетово“ е образложението на градоначалникот, зошто донацијата ќе ја користи за оваа намена.
– Ги започнуваме формалните чекори за овој важен на објект на културното наследство на Тетово да се врати во живот. Според сите процедури и веќе потпишаниот меморандум се надеваме дека во 2026 ќе почнат работите на терен во делот на градежните работи, изјави градоначалникот на Тетово Биљал Касами.
Сојузот на борци и граѓаните продолжувачи Тетово оценија дека се развива погрешна политика во третманот на културното наследство во градот. Тие велат дека додека вистинското градско архитектонско наследство пропаѓа Општина Тетово воскреснува објекти од Османлиската империја.
– Во моментов ни пропаѓаат Старата пошта, заштитените куќи на ул. Кузман Јосифовски Питу, ул. Страшо Пинџур, ул. Радован Цониќ, Арабати Баба Теќето, фрескописот во црквата Св. Никола, а Центарот за култура ,,Иљо Антески Смок” особено во фасадниот дел е во очајна состојба, притоа се заканува рушење на култниот Ловец, а Монопол е речиси целосно срушен, фасадите на градскиот трговски центар и пазарот ги менува кој како сака, се префарбуваат муралите на Павле Кузмановски во јавните објекти…Општина Тетово ваквата очајна состојба во третманот на градското архитектонско и културно наследство го пресретнува со најава за подигнување на Саат кула, на местото на таква срушена кула од времето на Османлиите, велат во реакцијата од Сојузот на борци Тетово.
Според ова граѓанско здружение нема логика Саат кулата да се претставува како културно наследство.
– Пред неколку месеци градоначалникот изјави дека хероите партизани се дел од темното минато. Прашуваме какво е минатото под османлиска власт? Од кога објекти кои потсетуваат на петте века проследени со насилна асимилација се вредни за славење и треба да даваат смисла на современо Тетово, во момент кога вистинското културно наследство се рони пред наши очи? Живееме во време на хипокризија, извитоперени светогледи, манипулативна кусогледа политика која ништо не решава туку се труди да ја потисне интелигенцијата од јавната сфера, велат од Сојуз на борци Тетово.
Национален конзерваторски центар како надлежна државн инстируција ќе изврши валоризација на културното наследство, проверка на досегашниот проект и документација.
– Крајот на 2005 година и почеток на 2006 година се започнати археолошки ископувања. Тоа е неопходна законска и стручна процедура кога се започнува со возобновување на некој проект. Во 2016 е направен проектот. Дадени се одредени забелешки и тука е застаната работа, вели Александар Јордановски директор на Националниот конзерваторски центар.
Саат кулата била изградена меѓу 1566 и 1576 година, а возобновена била во 1822 година од турски паша. Поради руинираност и потреба за пробивање улица, во остатоците од Кулата биле отстранети во 1933 година.
Александар Самарџиев
