Европската Унија се очекува денеска да одлучи да ги замрзне руските средства во Европа, се додека оваа држава не запре со својата војна во Украина и не ја компензира соседната земја за огромната штета предизвика во речиси четиригодишната војна.
Ова одлука е значаен чекор кој ќе им овозможи на лидерите од ЕУ да донесат одлука на самитот кој ќе се одржи наредната недела за најдобриот начин на кој би можеле да се искористат десетици милијарди евра средства од руската централна банка за покривање на финансиските и воените потреби на Украина во наредните две години.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, најблискиот сојузник на претседателот на Русија, Владимир Путин, во Европа ја обвини Европската Комисија, која ја подготви оваа одлука – дека „систематски ги силува европските закони“.
Вкупно 210 милијарди евра во Руски средства се замрзнати во Европа.
Најголем дел од нив, околу 193 милијарди евра кон крајот на септември се чуваат во „Евроклир“, финансиска институција од Белгија.
Овие средства беа замрзнати од санкциите кои ЕУ ги воведе кон Русија заради инвазијата врз Украина од 24-ти февруари, 2022-та година, но овие санкции мора да бидат обновени секои шест месеци а таа одлука мора да биде поддржана од сите земји членки.
Унгарија и Словачка се противат на обезбедувањето нова помош за Украина.
Но одлуката која се очекува да биде донесена денеска, според европски извори, ќе се базира на одредени делови од договорите на ЕУ, кои и овозможуваат на Унијата да ги заштити своите економски интереси во одредени вонредни ситуации. Одлуката донесена на овој начин ќе ги оневозможи обидите на Унгарија и Словачка да ги блокираат санкциите против Русија и ќе го олесни користењето на европските средства.
Орбан преку својот профил на социјалните мрежи оцени дека ваквата одлука значи дека „на владеењето на правото во Европската Унија му дошол крај и европските лидери се ставаат себеси над правилата“.
„Европската Комисија систематски го силува европското законодавство. Ова го прави за да ја продолжи војната во Украина, војна во која очигледно не може да се извојува победа“ – тврди Орбан.
Никола Илиевски
