Коалицијата „Вреди“ ќе ги задржи ресорите со кои управуваат и сега, нема да добијат ресор плус, потврди премиерот. Не сакаше да ги открие имињата на новите министри, за кои рече дека очекува деновиве да му бидат доставени нему, а потоа и во Собранието.
Деновиве во јавноста се вртат голем број на комбинации за пополнување и промена на ресорите. Најновата е дека Беким Сали ќе стане прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамед Хоџа ќе го преземе ресорот животна средина, а Башким Бакиу ќе влезе во владата како нов министер за здравство, на местото на Азир Алиу кој, пак, ќе биде директор на Агенцијата за електронски комуникации. Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, наводно се планира за амбасадор во Брисел.
Но, факт е дека договарањето во коалицијата оди тешко, од причина што ниту еден партнер не сака да ја изгуби позицијата што ја има и сите мислат дека заслужуваат повеќе.
Чаирскиот градоначалник, во синоќешното гостување во „Директно“ на Телма потврди единствено дека Сали ќе биде вицепремиер и ќе земе уште едно министерство, но рече дека се во игра повеќе министерства, вклучително и тоа во здравство.
Предлозите на „Вреди“ за министри треба да бидат одобрени од владата, по што ќе бидат испратени во Собранието, каде веднаш ќе биде свикана седница за нивно именување.
Далиборка Демјанска Цветановска
