Вести Македонија Топ вести

Двајцата даночни контролори осомничени дека земале поткуп од синот на газда Деко добија куќен притвор

Кочанското обвинителство бараше притвор, но судот им определи куќен притвор на двајцата даночни контролори од штипската дирекција на УЈП кои се осомничени дека му дојавувале на синот на Дејан Јованов кога ќе има ненајавени контроли во „Пулс“. За тоа, според истрагата, Драган Паунов и Дуле Димитриев добивале разни подароци од Михајло Јованов. Паунов е брат на претседателката на Кривичен, Даниела Димовска. Обвинителството кое ги сомничи за поткуп и бараше притвор поради опасност од бегство и влијание на сведоци, ќе се жали на ваквата одлука.

Кои се причините поради кои судијата на претходна постапка им определи поблаги мерки од оние што ги предложи обвинителот, од кочанскиот суд без конретно образложение. Во одговорот до Телма велат дека станува збор за неправосилна одлука и дозволена е жалба пред Кривичниот совет.

„Судијата на претходна постапка на Основен суд Кочани бил должен и постапил согласно позитивните законски прописи и донел одлука, ценејки ги сите расположливи докази, а кои се однесуваат на предложените мерки за обезбедување присуство на осомничените“, соопштија од Основниот суд Кочани.

За синот на газдата на „Пулс“, Михајло Јованов веќе има мерки на претпазливост во предметот за пожарот во „Пулс“ кој влезе во судница, но на предлог на обвинителството, судот му определил уште една дополнителна мерка – забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.

За шестмина даночни инспектори и управници од директцциите на УЈП во Штип и во Струмица, судот ги прифати предлозите на обвинителството за мерки на претпазливост. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба. Му помагале на Јованов неговите фирми „ММММ кафе” и „Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација.

Газдата на „Пулс“, Дејан Јованов, кој е во притвор, е осомничен и во овој предмет за фалсификување исправа. За време на контролите на УЈП, приложувал преправени фискални апарати со лажни контролни фискални извештаи за да избегне парични глоби и затворање на објектот.

Уште една обвинета во предметот со 38 обвинети, инспекторка од ДПИ е осомничена и во новата постапка за оддавање службена тајна.

Судењето за трагедијата во Кочани во која животот го загубија 63-ца млади луѓе, а над 200 беа повредени, продолжува следната недела во вторник.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ацевски: Побаравме благородни метали за дентални услуги да бидат преземени од болницата во Прилеп и да се стават во депото на државата

Sasko Dimovski

Ацевски: Долгот на ПИОМ кон ФЗО е 136,4 милиони евра, но нема простор за грижа за давањето на здравствени услуги за осигурениците

Sasko Dimovski

Термоцентралите на Западен Балкан загадуваат 6,6 пати над дозволените граници – извештај на мрежата „Бенквоч нетворк“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе