Малите храмови на пишаниот збор и продавачите на стари книги на Кејот 13 ноември пред нов предизвик да го задржат својот статус и локација. Во текот на вчерашниот ден ги посетил инспектор од град Скопје и им било усно посочено дека имаат рок до среда да ги напуштат дрвените куќарки со книги. Во моментов таму се 9 куќарки, но активно функционираат само 6. Бараат конечно да биде регулиран нивниот проблем кој трае речиси деценија и да останат на истото место додека се најде друга локација.
- Од 2011 Град Скопје ги постави куќарките, дојде Коце Трајановски свечено отворање и од тогаш си плаќавме паушал секој месец за користење на куќарките. Секоја година си имавме обновување на договор, кој беше анекс договор. Како му престана договорот на Коце Трајановски дојде Петре Шилегов и од тогаш статус никаков- изјави Бобан Јанков.
Во меѓувреме биле на средби со Шилегов и со Арсовска по стапувањето на функција, ниту ги обновиле договорите, ниту пак биле дислоцирани.
- Дури разговаравме за нова локација, за нови куќарки, бидејќи овие како што гледате се веќе истрошени се е на наш терет како ни ги имаат оставено, ние секоја година се сами си реновираме, тука сешто се случува и кражби и убиства, вели Бобан Јанков.
Ставот на Град Скопје е дека во моментот тие немаат валидни документи за дејноста што ја извршуваат. Дозволите кои некои од нив ги поседуваат датираат од минатото и се со истечен рок и тоа над осум години, што значи дека градот мора да постапи согласно законските обврски и да воспостави ред во користењето на јавниот простор.
- Град Скопје подготвува нов јавен повик со јасно дефинирани правила, нови локации и уредени, типски и унифицирани куќарки кои ќе бидат наменети за продавачите на книги, но и за оние што продаваат кондиторски производи. На повикот ќе имаат право да аплицираат сите заинтересирани, под еднакви и транспарентни услови.
Во моментов се работи на нов план за реорганизација на овој простор, а штом процесот заврши, градот ќе излезе со официјален јавен повик, се вели во дописот на Град Скопје. Велат дека целта е никој да не биде оштетен, во исто време просторот да биде уреден, функционален и со достоинствен изглед, како што му доликува на центарот на Скопје.
Нина Стефанова
Б.С.
