Вести Македонија Топ вести

Опомени и едукацијата пред контејнерските локации, казни нема да има додека не излезе одлуката во Службен гласник

Во првата фаза, прекршителите ќе добиваат само опомени, без парични казни. Комуналните градски и општински инспектори од вечерва стартуваат со контроли на терен. Ќе ги следат граѓаните кои ја прекршуваат новата одлука за фрлање ѓубре од 22 часот навечер до 6 часот изутрина. Целта, велат надлежните, е прво да се информира и едуцира населението. Иако оваа одлука не е објавена во службен гласник, сепак надлежните ќе тргнат да опоменуваат.

„Градот има на располагање вкупно 40 инспектори, меѓу кои 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Тие ќе бидат распоредени на терен со цел поинтензивна контрола. Прекршоците ќе се констатираат на лице место. Доколку инспекторите наидат на веќе исфрлен отпад со поголем обем или отпад кој не е типичен за домаќинствата, ќе следи подетална проверка на правните субјекти“, велат од градот Скопје.

Со инспекторите на терен ќе одат и еко патролите од ЈП Комунална хигиена. Тие доколку затекнат некој прекршител на Законот за јавна чистота имаат надлежност да го едуцираат и информираат како правилно да постапува со отпадот. Но, иако засега само опомени, законските казни не се мали, 50 евра за физички лица а за правни лица од 1.300 до 1.800 евра и повисоки ако се работи за специфични типови отпад. Од Комунална хигиена тврдат дека правните лица се најчестиот извор на отпад фрлен доцна навечер, и затоа мерката е насочена главно кон нив. Според информации на Телма, угостителите денеска имаат состанок на кој ќе формираат заеднички став и ќе го информираат Градот дека одлуките кои ги засегаат мора да бидат донесувани во консултација со нив. Градот пак,најавува нов систем,  сите угостителски објекти а потоа и маркетите, ќе добијат свои контејнери со цел поуредно управување со отпадот и намалување на преоптоварените јавни контејнери. А за нив ќе важи и нов тарифник. Целта не е дополнително оптоварување, туку ред, јасни правила и одржлив систем кој им користи на сите, додаваат пд градот.

Од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ остро реагираат. Според нив, мерката е небулозна и нема да донесе реална корист за граѓаните, во време кога скопјани се соочуваат со високо аерозагадување.

„60 инспектори и комунални редари ќе нè контролираат за тоа како ќе го фрламе ѓубрето, додека се отрувме од аерозагадување овие денови и ќе се труеме цела зима. ЗХГ со години бара од Град Скопје да се одвојат средства за инспектори за животна средина и да се воведе трета смена на дежурни инспектори“, велат од зелен хуман град.

Синоќа, при обиколка на центарот со премиерот Мицкоски, градоначалникот Ѓорѓиевски призна дека градот се соочува и со проблеми со камионите за собирање отпад.Новата одлука беше изгласана во петокот. Забраната важи само за контејнерите на јавните површини, но не и за индивидуалните домови со сопствени канти. Додека Скопје се подготвува за ригорозни контроли во текот на ноќта, повеќето европски земји фокусот го насочуваат на селектирање и правилно управување со отпадот наместо на забрани.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе