Од Белград за ТВ Телма
Срѓан Стојанчов
Дали изборите ќе ја решат политичката криза е прашањето кое се наметна на дебатата на тема „Момент на вистината во Србија: Може ли правдата да победи?“ на отворањето на годинашната Белградска безбедносна конференција.
Студентите, кои најавија дека на наредните избори ќе настапат со сопствена кандидатска листа на која ќе се најдат познати интелектуалци од земјата, се уверени дека мнозинското расположение во земјата е антивладино и оти крајот на, како што велат, режимот на Александар Вучиќ е извесен.
Од друга страна, претставниците на опозицијата се поумерени во прогнозите. Има уште многу работа за да се овозможи атмосфера за колку толку фер избори кои што владата нема да може да ги украде. Борко Стефановиќ од Партијата за слобода и правда вели дека прашањето веќе не е дали Вучиќ ќе падне, туку на кој начин.
„Оваа игра, што во основа е игра во која господинот Вучиќ се обидува да биде Тито од Али експрес доаѓа до крај, затоа што едноставно физички не можете да седите на четири столчиња без да паднете на подот. Тоа е она што гледаме дека се случува во моментов. Секој гласач во оддалечените делови во Србија без пристап до Н1 и НоваС, што се две третини од нашето општество, верува дека студентите и луѓето и особено опозицијата се терористи и предавници на државата“, вели Борко Стефановиќ од Партијата за слобода и правда.
Пратеникот Радомир Лазовиќ вели дека пред опозицијата се наметнуваат две прашања – како да ја натераат владата на предвремени избори и како да победи на наместени избори во земја без слободни медиуми. Изборите може да бидат излез од кризата, но исто така може и да ја продлабочат. Според него, потребна е координација од сите антивладини политички чинители и мотивација на граѓаните да излезат на изборите.
„Јас не би рекол дека сме на загарантиран пат кон успех. Јас сум лично исплашен и политички загрижен дали ќе ја искористиме оваа можност. Ова е голема можност, огромен потенцијал“, вели Радомир Лазовиќ од Зелено-левиот фронт.
Претставникот на студентите Алекса Симиќ вели дека нивните протести не почнале како антивладини, туку како антисистемски. Предвремени избори почнаа да бараат шест месеци по почетокот на протестите, откако се виде дека власта нема намера да ги казни одговорните за падот на натстрешницата во Нови Сад и почна да ги напаѓа студентите што протестираа. Тој е убеден дека владата ќе падне на изборите, кога и да се одржат.
„Ние никогаш не го споменавме Вучиќ, дури не сакавме да разговараме со него, но тој, како веројатно капо на организираниот криминал, на мафијата што ја имаме во Србија, почувствува должност да ни се обрати“, рече Симиќ.
Власта најави, но се уште не закажала избори.
Политичката криза во Србија трае цела година, откако при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад пред една година загинаа 16 луѓе, по што избија масовни студентски протести за барање правда.
Студентите скоро цела година ја бојкотираа наставата на факултетите. Натстрешницата падна поради грешки при реконструкцијата на Железничката, но граѓаните што протестираат сметаат дека власта ги штити одговорните и оти грешките при реконструкцијата се должат на корупција.
