Вести Македонија Свет Топ вести

Албанија го отвори последниот кластер за членство во ЕУ

„Ресурси, земјоделство и кохезија“ е последниот, шести кластер од пристапните преговори со ЕУ, што денеска го отвори Албанија, со амбиција да стане членка до крајот на деценијата.

Отворањето се случува за време на данското претседателство со Советот на ЕУ, оттаму и министерката за европски прашања на Данска, по одржувањето на седмата меѓувладина конференција рече дека ова ја покажува посветеноста на земјата кон понатамошно унапредување на својот пат кон членство во ЕУ.

  • Албанија вложи силни напори за имплементација, реформи и усогласување со легислативата на ЕУ. Како резултат, напредува во преговорите со стабилно темпо. Првиот кластер беше отворен во септември минатата година и за малку повеќе од една година сите кластери беа отворени, вклучувајќи два за време на данското претседателство. Ова е рекордна брзина. Оваа пресвртница е признание за напорната работа на Албанија кон вашата европската иднина, изјави Мари Бјер,  министерка за европски прашања на Данска.

Еврокомесарката Марта Кос, пак, посочи дека денешниот ден не е посебен само за Албанија, туку и за Европската Унија, бидејќи покажува оти понудата на ЕУ дава резултати.

  • Овој успех немаше да биде можен без цврстата политичка посветеност на Албанија и силниот ангажман на сите членки на ЕУ да го поддржат прогресот на Албанија. Благодарна сум и на Данското претседателство, Мари, за вашите заложби, да се направи можна оваа пресвртница. И, ние се обврзуваме да ја доведеме Албанија во Европската Унија, како што рековте. Успехот на Албанија е резултат на властите кои работеа со граѓанското општество и другите засегнати страни за имплементација на важните ЕУ реформи и е резултат на албанските граѓани кои бараа промени и ги поддржаа тие промени, изјави Марта Кос, еврокомесарка.

Кос нагласи дека отворањето на сите кластери во преговорите е голем успех, но вистинската награда е нивното затворање, за што треба да продолжат реформите поврзани со правосудството, борбата против корупцијата, имотните и малцинските права и слободата на медиумите, што, како што рече, не е лесно за ниту една земја кандидат.

Албанскиот премиер, Еди Рама, пак рече дека нема да зборува со флоскули и формални зборови, туку едноставно, се заблагодари и потсети на тешкиот пат што е изоден за да се стигне до денешниот ден. Рама и дека, во Брисел ништо не треба да се зема здраво за готово, дури ни кога ви се насмевнуваат, затоа што насмевката може да исчезне за миг.

  • Тоа беше нешто што се чинеше невозможно, бевме во фаза да бидеме навикнати на враќањата и ударите во стомакот, но верувам дека целото патување не направи посилни, не направи посвесни за голем дел од овој процес, не направи позрели и еве сме денеска, соочени со тоа што беше сон пред само малку повеќе од една година порано, изјави Еди Рама, премиер на Албанија.

Албанија доби статус на кандидат за членство во 2014 година и требаше да ги почне преговорите во пакет со Македонија, но процесите подоцна беа одвоени поради блокадата на Бугарија.

Официјалните пристапни преговори ги почнаа во 2022 година со одржувањето на Првата меѓувладина конференција. Првиот кластер од преговорите го отворија во октомври лани, што значи дека се отворени сите за нешто повеќе од една година.

Во последниот извештај на Европската комисија за проширувањето, оваа држава доби најповолни оценки, заедно со Црна Гора. Во него беше наведено дека таа би можела да ги заврши преговорите до 2027 и да стане членка до 2030 година.

Далиборка Демјанска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе