Министерството за правда на САД потврди ќе спроведе истрага за наводната поврзаност на педофилот Џефри Епстин со големите банки и неколку Демократи, вклучувајќи го поранешниот Претседател, Бил Клинтон.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, на својата социјална мрежа Truth Social, најави дека ќе побара од државната обвинителка, Пем Бонди и Федералното биро за истраги (ФБИ), да ја испита „поврзаноста и врската“ меѓу Епстин, кој изврши самоубиство под чудни околности, и Клинтон и останатите , за да утврди со сигурност што се случувало меѓу нив.
Бонди потоа исто така на социјалните мрежи потврди дека ќе побара од обвинителот Џеј Клејтон да ја спроведе истрагата, додавајќи дека нејзиното министерство „со итност и голема ангажираност ќе обезбеди одговори за американскиот народ“.
Поранешниот претседател Клинтон претходно повеќе пати негираше дека имал било какви информации за злосторствата на Епстин.
Покрај Клинтон , Трамп побарал да се истражи поврзаноста меѓу Епстин, поранешен финансиер и мултимилионер, осуден за педофилија кој изврши самоубиство во затвор под мистериозни околности, и банките Џеј-Пи Морган (JP Morgan) и Чејс (Chase), поранешниот секретар за финансии, Лери Самерс и основачот на Линкдин, Рид Хофман, кој исто така е еден од големите донатори на Демократската партија.
„Епстин беше демократ и тој е нивни проблем а не проблем на Републиканците“ – напиша Трамп во својата објава, додавајќи дека никој не треба да го губи времето на поврзаноста на Епстин со него.
Барањето на Трамп за оваа истрага доаѓа додека се очекува наредната недела долниот дом на американскиот Конгрес да гласа за тоа дали министерството за правда треба јавно да ги објави сите документи кои се дел од истрагата за педофилот Епстин.
Интересот за односите на Епстин со актуелните и поранешни високи функционери се интензивираше откако американските конгресмени објавија повеќе од 20 000 документи од „досието Епстин“, во кои се споменуваше и Трамп.
Документите содржат и размена на електронска пошта меѓу Епстин и неговата долгогодишна најблиска соработничка Гилејн Максвел, која беше осудена на 20-годишна затворска казна за својата поврзаност со сексуалните злосторства на Епстин.
Во една размена на пораки со Максвел, Епстин и пишува: „Сакам да знаеш дека тоа „куче“ кое сѐ уште не лае е Трамп.“ Потоа тој додава и дека една од жртвите, чиј идентитет не се соопштува, поминала многу часови со Трамп во куќата на Епстин.
Демократите го обвинуваат дека барањето за истрага против Клинтон е само уште еден во серијата обиди на Трамп да го дефокусира вниманието на јавноста од неговата поврзаност со Епстин, со кој тој долг период бил и близок пријател.
Н.И
