Уште две недели остануваат да се реши судбината на меѓународните операции на Лукоил откако швајцарската компанија Гунвор се откажа од понудата за купување на имотот на Лукоил во странство. Претходно, американската влада соопшти дека нема да му издаде лиценца на Гунвор додека трае војната во Украина. Сега се бара нов купувач.
Американските санкции против меѓународните трансакции на Лукоил стапуваат на сила на 21 ноември. Од пред неколку дена на бензинските на Лукоил во земјава не може да се плаќа со картичките на Виза и на Дајнерс.
Сè уште е нејасно колкави ќе бидат последиците врз Македонија, ако во наредните две недели не дојде до продажба на Лукоил. Властите велат дека ја следат ситуацијата и уверуваат дека снабдувањето со нафта во земјава нема да биде загрозено. Над 86 отсто од нафтените деривати во земјава доаѓаат преку Грција.
Лукоил во земјава има 40 бензински пумпи и 10 резервоари со вкупен капацитет од 8320 кубни метри. Вработува околу 550 луѓе.
Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика од 2024 година, Лукоил увезува околу 8 отсто од нафтените деривати во земјава, држи скоро 11 отсто од пазарот на нафтени деривати, и над 15 отсто од малопродажбата. Нафтените деривати во земјава ги увезува од нивната рафинерија во бугарскиот град Бургас, најголема на Балканот, која исто така е погодена од санкциите. Токму за да ги избегне санкциите, бугарскиот парламент вчера донесе закон со кој државата добива можност да преземе директна контрола врз рафинеријата, доколку се оцени дека постои ризик по националната или енергетската безбедност на земјата.
По воведувањето на американските санкции против Росњефт и Лукоил пред две недели, берзанските цени на нафтата се зголемија. Бензинот во Македонија во изминатите десетина дена поскапе за 1 денар, но дизел горивото поскапе за 4 денари, од 67 на 71 денар. Гувернерот Славески пред десетина дена рече дека не очекува санкциите кон Лукоил да предизвикаат инфлација во Македонија.
Компанијата Гунвор пред два дена соопшти дека Европа ќе се соочи со недостиг на нафта и ќе се соочи со бран отпуштања доколку не им одобрат купување на Лукоил. Руската компанија има рафинерии во Бугарија и во Романија, поседува нафтени полиња во Русија, Централна Азија и на Блискиот Исток, како и продажна мрежа во десетици земји од Америка до Европа.
Срѓан Стојанчов
