Македонија е една од седумте држави во светот, предводени од САД и една од трите европски, заедно со Унгарија и Украина, кои гласаа против укинувањето на економското, трговско и финансиското ембарго против Куба во Обединетите нации, наспроти 165 држави кои гласаа санкциите, по повеќе од 60 години, да биде укинати, меѓу кои се најдоа и најмоќните држави од ЕУ.
Од Македонското министерство за надворешени работи и надворшена трговија за Телма објаснуваат дека ваквата одлука се темели на три клучни постулати: членството во НАТО, усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и стратешкото партнерство со САД.
„Во однос на гласањето на Република Северна Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации по Резолуцијата на Куба за укинување на економската, трговската и финансиската блокада од страна на САД, информираме дека одлуката за нејзино неподдржување беше донесена во услови на неусогласен заеднички став на земјите-членки на Европската унија, имајќи ги предвид националните интереси на државата“, гласи одговорот од МНР.
Во тој контекст Телма неофицијално дознава дека основата на одлуката е поддршка на позицијата на САД по ова прашање, како стратешки партнер на Македонија.
Дел од македонските дипломати ваквата одлука на Македонија, толкувајќи ја од една страна низ призмата на стратешкото партнерство со Вашингтон и безбедносен гарант на земјава, а од друга како земја која сака да стане дел од ЕУ и состојбата со трговската размена и финансиската помош од ЕУ и САД, сметаат дека гласањето како „воздржана“ би било поприфатливо.
„Да не заборавиме дека и ние сме од нашиот источен сосед под политички економски санкции, поткрепени со застој во преговорите со ЕУ, што значи и помалку приходи во готова смисла, особено од ЕУ, без враќање, сметам дека сосема во ред би било Македонија во овој момент да гласала воздржано“, смета Ѓорѓи Филипов, поранешен амбасадор во Германија.
Филипов како аргумент плус за воздржан глас, ги наведува и последиците од ураганот „Мелиса“ кој изминативе денови ги погоди карипските држави, вклучително и Куба.
Сепак, според него пресудно за тоа како ќе се даде глас во меѓународните организации е внатрешното позиционирање, односно околностите и интересите кои ги следи секоја од државите во носењето на одлуката.
Инаку, Македонија пред ова гласање во септември гласаше воздржано за решавање на конфликтот меѓу Изрел и Палестина преку т.н. решение со две држави, во јуни беше воздржана за итен прекин на огнот во Газа, а во февруари беше воздржана по резолуцијата на ЕУ и Украина за осуда на агресијата од Русија.
За тоа, дали со ваквите свои одлуки Македонија ја следи политиката на САД, наспроти политиката на членки на ЕУ, Филипов е на став дека работите не треба да се гледаат така црно-бело.
„Ако ги гледате овие примери може таков заклучок да донесете, меѓутоа постојат безброј други решенија на други полиња, каде се гледа дека ние сепак припаѓаме на земјите од Европа. Има таму 15-16 специјални Агенции во ОН, се гласа по разни основи – од интелектуална сопственост, Светска трговска организација, меѓународни фондови итн. каде што сепак ги следиме и имаме слични политики како што има и ЕУ“, вели Филипов.
Според него, Македонија ја следи позицијата на САД и НАТО само во услови каде има воени кризи и безбедносни аспекти.
Тамара Грнчароска
Дигитална обработка: T.Д.
