Реката Вардар преполна со отпад – видеоснимки објавени од жителите на дел од селата кои гравитираат по течението на реката покажуваат илјадници пластични шишиња и друг смет како се движат по речното корито.
Сцената, која многумина ја нарекоа еколошка катастрофа, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
Според првичните информации, загадувањето најверојатно е резултат на подигнатото ниво на реката по обилните дождови изминатите денови, кои го повлекле отпадот натрупан по бреговите.
Локалното население бара од институциите итна истрага и санкционирање на одговорните за фрлањето на отпадот во реката.
А, во врска со појавата на пластичен амбалажен отпад во реката Вардар и другите поголеми и помали водотеци, Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека причините за ваквата состојба се должат на незадоволителното ниво на комунални услуги од страна на операторите, особено во руралните средини.
Во овие подрачја е евидентно присуство на помали или поголеми диви депонии на јавни површини, за чијa санација и контрола се надлежни единиците на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби.
Еколозите предупредуваат дека доколку не се преземат брзи мерки, контаминираниот отпад ќе продолжи да се движи низ целиот тек на реката, со што ќе се зголеми ризикот за животната средина и здравјето на граѓаните.
