Дигитализација, интернационализација и квалитет. Ова се трите клучни приоритети на кои ќе се фокусира УКИМ во наредниот период. Ректорката Биљана Ангелова вели дека првата фаза од дигитализацијата е завршена, сите студентски сервиси се дигитализирани, а воведен е и електронски индекс. Во следната фаза ќе се врши надградба на системот, без да се наруши пристапот на студентите.
Ангелова очекува поголема соработка со странски универзитети и нови заеднички проекти што, според неа, ќе придонесат за повисоки стандарди во наставата и истражувањето и ќе помогнат УКИМ да се најде на Шангајската листа.
„Универзитетот треба да го подобри својот ранг на меѓународните ранг-листи. Тоа значи дека мораме да објавуваме повеќе научни трудови“, изјави Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска најави дека се подготвуваат два нови закона за високо образование и за научноистражувачка дејност. Таа ги повика универзитетските професори да се вклучат поактивно во истражувањата и да објавуваат повеќе научни трудови.
„Следи сериозна реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование. Го зголемивме буџетот за наука од 380 на 680 милиони денари. Само за три повици за универзитетите, факултетите, јавните научни установи и МАНУ вложивме 374 милиони денари за да ја развиеме науката“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ досега не се најде на Шангајската листа, но академската заедница очекува со овие реформи да се доближи до европските универзитети. До пред една година, УКИМ се наоѓаше на листата на Центарот за рангирање на светски универзитети, на 1990-то место од можни 2000.
Тамара Марковска
