Хрватскиот парламент со мнозинство гласови усвои измени на законите за одбрана и служба во вооружените сили, со што овозможи повторно воведување на задолжителен воен рок од почетокот на 2026 година. За измените гласаа 84 пратеници, 30 беа воздржани, а „против“ се изјаснија 11.
Задолжителниот воен рок во Хрватска беше укинат во 2008 година и од тогаш се служи само доброволно, но интересот беше слаб. Со измените се предвидува задолжителниот воен рок да трае два месеца, на оние кои ќе ја прифатат поканата да им се исплаќа месечна нето плата од 1.100 евра и службата да им влегува во пресметките за работен стаж.
Военото оспособување ќе биде задолжително за момчиња кои во календарската година ќе наполнат 19 години, а обуката се планира во касарните во Книн, во Слуњ и во Пожега. На воена обука ќе може да бидат испраќани и повозрасни лица од 19 години, до 30 години, бидејќи службата може да се одложи во случај на студирање и на спортисти поради учества на европски и светски првенства.
Лицата кои ќе минат воена обука ќе имаат предност при вработување во државната и локалната управа, доколку исполнуваат исти услови како и останатите кандидати, што предизвика најмногу критики на опозицијата и на мировните организации. Жените се изземени од задолжително служење на воениот рок, но останува можноста за нивно доброволно пријавување.
С.Д.
