Само 35 отсто од вкупниот број на учесници во процесот на локалните избори доставиле извештаи за примени донации на трансакциска сметка кои што се поднесуваат на 11-от ден од кампањата, информира Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).
„Согласно рокот за доставување на Извештај за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, за период од отварање на сметката до 11-от ден од изборната кампања, односно заклучно со 09.10.2025 година до 24 часот, до ДКСК доставени се вкупно 61 извештаи, што изнесува нешто над 35% од вкупниот број на учесници во изборниот процес. Сите 19 коалиции доставија извештаи за донации, примени се 18 извештаи од политичките партии и 24 извештаи од независни кандидати, поддржани од група избирачи. По истекот на рокот, доставени се уште два извештаја од политички партии“, информира ДКСК.
Согласно Изборниот законик, „учесниците во изборната кампања за Локалните избори 2025 година имаат обврска да поднесат извештаи за примени донации во текот на изборниот процес како извор на нивно финансирање, како и вкупен финансиски извештај со податоци за вкупните приходи и расходи на изборната кампања, во законски утврдени рокови, со што се овозможува следење на законитоста на финансирањето и трошењето на средствата од страна на надлежните институции, како и увид на јавноста во изворите на приходи и начинот на трошење на средствата во изборната кампања, со цел зајакнување на довербата во изборниот процес.
Извештаите за донации се објавени на веб страната на ДКСК, на следниот линк: ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2025 – Државна комисија за спречување на корупцијата.
