Во јануари идната година земјава ќе ја издаде најголемата еврообврзница до сега. Планот е да се соберат 950 милиони евра. Процесот за издавање е започнат. Најголем дел од парите, околу 700 милиони евра ќе се искористат за да се врати стара еврообврзница која доспева догодина, а е издадена во 2020 година кога министер за финансии беше Нина Ангеловска.

Останатите средства ќе се искористат за буџетски потреби. Но, и во 2027 и 2028 година доспеваат за враќање уште две еврообврзници.
Во меѓувреме почнаа пресметките за буџетот за идната година. За сега се знае само за задолжувањето на стартот на 2026 тата, а за тоа каде ќе се крати, за што ќе има повеќе пари, но и дали капиталните проекти повторно високото ќе се проектираат на почетокот на ноември со детали треба да излезе министерката за финансии Кочоска.
Токму за капиталните проекти за годинава планот е да се потрошат 804 милиони евра. Но, на само два ипол месеци до крајот на 2025, не се реализирани ниту половина од нив. Односно до сега за изградба на патишта, градинки, училишта, железница и други проекти кои се од општо добро за граѓаните, потрошени се над 460 милиони евра помалку од предвидените пари.

Вообичаено во секој буџет оваа ставка високо се проектира, а потоа со прекројувањето на државната каса се крати токму од тука.
Од бројките на Министерството за финансии може да се види и дека државата до сега има собрано нешто над 4 милијарди евра од проектираните 5, 8 милијарди евра за годинава. Кај расходите пак реализацијата е над 70 отсто. Државниот долг за сега е 51, 4 отсто од БДП, јавниот нешто близу 60 проценти.
Инаку, според законот прелдог буџетот за идната година Министерството за финансии до Владата треба да го достави до први ноември.
Ирена Чачкова
