За разлика од Европа, нашата јавност не е многу заинтересирана за детскиот театар, особено за куклените претстави . Ова го кажа Катарина Илиевска – Силјановска, член на Советот на Интернационалниот фестивал на детски театри „ Игор Маџиров“, во пресрет на неговото четврто издание, што ќе се одржи во Скопје од 15 до 18 октомви.
- Новинарите, политичарите и сите останати , целото јавно мнение во нашата држава, па и воопшто генерално, не многу се интересираат за детските театри. Особено, за куклените театри. А, патувајќи низ годините низ многу земји во Европа и на многу фестивали, сватив дека исклучително е важна таа драмско- куклена уметност. Многу се поставува во многу земји во Европа и особено се посветува внимание на куклените претстави за возрасни, вели Катарина Илиевска- Силјановска, член на Советот на ИФДТ „ Игор Маџиров“.
Токму куклената претстава за млади „ Франкенштајн“ , работена по романот на Мери Шели, во режија на Кокан Младеновиќ, а во продукција на ТДМ ќе го отвори фестивалот „ Игор Маџиров“. Таа пред 3 дена на фестивалот „ Мал МЕСС“ во Сараево ја освои наградата од публиката.
- Која што е многу битна, бидејќи публиката е таа што наградува и која што може да го осознае квалитетот кој што го нуди таа претстава, рече Фросина Карловиц, в.д. директорка на Театарот за деца и младинци- Скопје.
Со 600 000 денари од Министерството за култура и туризам и поддршка од спонзори, во натпреварувачкиот дел на фестивалот можеле да се донесат само 6 од пријавени над 40 претстави, рекоа од Советот на фестивалот. Тие доаѓаат од Суботица, Загреб, Белград, Темишвар , Скопје и Атина. Селектор е Драгана Милошевски – Попов, која избрала претстави на теми : љубов, анксиозност и отуѓеност.
- Претстави кои што се занимаваат со малку поважни и не толку розови светови кои што сме навикнати да ги гледаме во детско – младинската театарска продукција, кажа Игор Ивковиќ- член на Советот на ИФДТ„ Игор Маџиров“.
Во рамките на фестивалот ќе се одржат и работилници и трибина за животот на современиот македонски драмски текст.
Сотир Трајков
